Дефанзивецот на премиерлигашот Манчестер сити, Жоао Кансело, обелодени денеска дека бил жртва на грабеж при што му се нанесени и телесни повреди, илустрирајќи го инцидентот со своја фотографија објавена на Инстаграм на која фудбалерот има расекотина над десното око.

– Ме нападнаа четворица страшливци, кои сакаа да нè повредат мене и моето семејство, а кога ќе им се спротивставите ќе ви се случи ова, изјави Кансело, алудирајќи на повредата над окото.

– Успеаја да ми го украдат целиот накит, но најважно е дека моето семејство е добро, објави фудбалерот на англискиот шампион.

Грабежот бил извршен во четвртокот вечер во семејниот дом на Кансело.