Отец Гаврил се удостоил уште за време на овој живот да биде носител на благодатта на Светиот Дух и сведок Божји. Покрај многуте дарови што ги поседувал, Себлагиот Бог му го дал и дарот на чудотворство и исцеление преку молитвата. Има многубројни примери за чудотворноста на неговата молитва, пишува Покајание.мк.

Ќе споменеме само некои од нив.

Внукот на едно негово духовно чедо бил многу болен и требало да замине на тешка операција, за која докторите не гарантирале дека ќе остане жив.

Во тие тешки моменти на тага, духовното чедо заборавило на својот духовен отец, но пред самиот ден на операцијата, во крајно бунило, добила просветлувачка помисла да отиде кај дедо Гаврил (како што многумина го нарекувале) и веднаш тргнала.

Пред портите ја дочекал отец Гаврил со зборовите:

„Оди си дома, твојот внук е здрав“.

И кога се вратила дома, ѝ кажале за чудесното исцеление на нејзиниот внук, на што многу се чуделе и самите лекари.

Исто така, едно дете сѐ уште е жив сведок дека по молитвите на отец Гаврил неговиот јазик се ослободил и тој почнал да зборува.

Тоа дете, по име Ѓорѓи, од едно струмичко село, не можело да зборува, па неговите родители честопати го носеле кај отец Гаврил за да се помоли за него.

Еднаш, кога го однеле кај него за време на Вечерната служба, тој го однел детето во храмот и му прочитал молитви. Наредниот ден отец Гаврил служел Света Литургија и цело време се молел за детето.

Откако се причестило и откако завршила Литургијата, детето ги подигнало рацете нагоре и рекло:

„Мамо!“ Сите присутни во храмот се израдувале и зачудиле, и Му оддале слава на Бог, Кој прави чуда преку Своите служители.

Во манастирот се наоѓа и една чудотворна икона на Пресвета Богородица. Поточна, тоа е фреската на задниот јужен столб во црквата. Пред неа се молел за еден свој близок кој многу пиел. Ја молел Пресветата да му даде знак дека му ги простува гревовите. Одеднаш се појавил пламен од фреската, чии траги и денес се видливи.

Преподобниот бил многу милостив и човекољубив кон ближните. Еднаш, дошло некое семејство со трчање и во паника, бидејќи некоја кола го удрила нивниот син.

Тогаш отец Гаврил влегол во храмот, веднаш започнал да се моли и подолго време не излегол. Кога излегол, им рекол: „Одете, детето ќе биде дома здраво и живо.

Ама тоа е, сте работеле во недела. Внимавајте на неделата и богослужбата. Работевте ли денес?“

Тогаш тие му одговориле: „Работевме, работевме…“ „Е па, другпат нема да работите во недела“ – им одговорил отецот.

Потоа, долго време немало дожд во Лесново, па селаните дошле да го замолат отец Гаврил да Му се помоли на Бог за да им испрати дожд.

„Дојдете, ајде, сите да се молиме на Бог…“, им рекол, и среде молитва, за чудо и радост на сите, започнало да врне дожд.

Селаните започнале да му благодарат за молитвите, а отец Гаврил скромно им се обратил со зборовите:

„Никогаш не си ги препишувајте чудата на себе… Не сум тоа јас…

Манастирот е чудотворен и свет, а и тие што доаѓаат добиваат исцеление!”

(Вакви случаеви да се моли за дожд и неговата молитва да биде услишана имало повеќе.)

Покајание.мк