Граѓани кои имаат електрични автомобили или мопеди од денеска можат да го користат електричниот полнач за електромобили во Делчево. За користење на оваа услуга заинтересираните треба да достават барање до ЕВН, по што ќе добијат картичка, а со тоа и можност да го користат електричниот полнач.
Полначот кој е поставен на градскиот паркинг во Делчево е донација од ЕВН, а ќе може да опслужува по два автомобила истовремено. Првата година од поставувањето на електричниот полнач, услугата ЕВН ќе ја дава бесплатно.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, истакна дека со поставувањето на ваков уред, Делчево ќе биде дел од семејството градови кои нудат ваква можност на граѓаните кои користат електромобили.
– Во Делчево веќе има еден миниавтобус на електричен погон и неколку мопеди што ќе им го олесни движењето на сопствениците на овој вид возила. Исто така, ставањето во функција на полначот е од посебна предност за Делчево како погранично место, кое е посетувано од голем број странски гости. Овде доаѓаат туристи од соседна Бугарија кои несомнено ќе имаат потреба од ваков електричен полнач, истакна Трајковски.
Поставувањето на електричниот полнач во Делчево е дел од проектот на ЕВН со кој се опфатени неколку општини во земјава. Идејата на проектот е да се поттикне користењето возила на електричен погон што ќе придонесе за заштита на животната средина.