Политичката нестабилност во Босна и Херцеговина е ризик за идните инвестиции на Европската унија во инфраструктурата на оваа земја, соопштија денеска од Делегацијата на ЕУ во БиХ.
– Успехот со завршувањето на автопатската делница на коридорот Vc, Јоховац – Руданка, е постигнат и покрај политичката нестабилност во Босна и Херцеговина, што претставува ризик за идните инвестиции на ЕУ во инфраструктурата. Финансирањето на ЕУ за два инфраструктурни проекти во Република Српска на коридорот Vc сè уште е под суспензија поради политичката криза, соопшти Делегацијата на ЕУ.
Вчера свечено беше отворена првата завршена делница од автопатот на коридорот Vc во Република Српска (РС), од Јоховац до Руданка.
Делницата долга 6,1 километар е завршена благодарение на грант од Европската унија од 15 милиони евра, со што се овозможи дополнително финансирање во форма на поволни заеми од Европската банка за обнова и развој во вредност од речиси 70 милиони евра, се наведува во соопштението.
Понатаму се нагласува дека ЕУ и нејзините земји-членки се најголемиот и најлојален извор на финансирање за Босна и Херцеговина, како и најголемиот трговски партнер и инвеститор во БиХ.
– Меѓутоа, властите во земјата не го користат целосниот потенцијал на механизмите за финансирање на ЕУ, со ризик да загубат стотици милиони евра инвестиции во транспортната и енергетската инфраструктура, се додава во соопштението од Делегацијата на ЕУ во БиХ.
Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина ги повика политичарите да не ги пропуштаат можностите што ги нуди ЕУ, а кои носат јасни и незаменливи придобивки за граѓаните на Босна и Херцеговина.