Хамас објави дека нејзината делегација го напуштила Каиро поради разговорите за договорот за прекин на огнот во Газа што посредниците се надеваа дека ќе го постигнат пред почетокот на Рамазан на почетокот на следната недела.

По четиридневните разговори со посредство на Катар и Египет за обезбедување на 40-дневен прекин на огнот пред муслиманскиот месец на постот, сè уште нема знаци за напредок во спорните точки. Завојуваните страни меѓусебно се обвинуваат за ваквиот развој на настаните.

„Делегацијата на Хамас утрово го напушти Каиро од консултации со раководството на движењето. Преговорите и напорите за запирање на агресијата, враќање на раселените и доставување помош на нашиот народ продолжуваат“, се вели во соопштението на Хамас. Високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри рече дека Израел ги „попречува“ напорите за постигнување договор за прекин на огнот.

Абу Зухри изјави за Ројтерс дека Израел ги отфрла барањата на Хамас да ја прекине офанзивата во енклавата, да ги повлече своите сили и да обезбеди слобода за влез во Газа за испорака на помош и враќање на раселените лица.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја повтори својата намера да ја продолжи воената кампања во Газа. Израел претходно најави дека неговата цел е да го уништи Хамас и дека секој прекин на огнот мора да биде привремен. Тој, исто така, побара список на заложници кои се уште се живи и кои ги држи Хамас во Газа.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави претходно оваа недела дека договорот за прекин на огнот е во рацете на Хамас. Договорот што му беше претставен на Хамас претпоставува ослободување на некои од заложниците киднапирани од Хамас на 7 октомври во нападот на јужен Израел во кој, според израелските податоци, загинаа 1.200 луѓе, а 253 беа киднапирани. Ќе требаше да бидат ослободени и палестинските затвореници во Израел.