Социјалните мрежи од синоќа вријат од револтирани граѓани за бруталноста на полицијата, која синоќа удри по учесниците на протестот во центарот на Скопје. Граѓаните кои протестираа не се согласуваат со македонско-грчкиот договор, кој вчера во Преспа го потпишаа владите на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, и истиот го сметаат за катастрофален за иднината на Република Македонија.
Во синоќешната брутална акција на полицијата која употреби несразмерна сила за такви протести, има повеќе повредени граѓани, за што сведочат бројните фотографии и видеозаписи кои се објавуваат на интернет.
Од солзавецот и шок бомбите повредени се повеќе граѓани, меѓу кои и повозарсни жени, а од пропагандните медиуми повредена е вистината. Така, повеќе медиуми објавија дека „седуммина полицајци се повредени и тројца цивили се приведени во насилните протести пред Собранието на Македонија“. Овие медиуми се повикуваат на полициски и болнички извори.
„Екипа на Итната медицинска помош интервенираше вечерва поради повредени лица во насилните протести што се одржаа пред Собранието. Медицинскиот тим интервенирал по барање на полицијата“, пишуваа синоќа провладините медиуми.
За вистината на протестот, кој беше организиран преку социјални мрежи, како и за неговото насилно угушување со солзавец и шок бомби, како и за тоа кој настрадал најмногу, објавуваме повеќе фотографии и видеа од насилното растурање на протестот и демократското право да се изрази незадоволство. Притоа има записи и од апсење на новинари кои известувале од настанот.
Патем, никаде не беше објавена ниту една фотографија за некој од „седумте повредени полицајци“, за кои пишуваат медиумите. Намера е очигледна, на тој начин да се амнестира бруталноста на полицијата и вистината да се прилагоди на потребите на актуелната власт. Така, благодарение на ваквото прилагодување на вистината, тие што брутално удрија со шок бомби на протестот „станаа жртви на граѓаните“