Здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, како и националните ансабли и културно-уметничките друштва денеска ќе продефилираат во центарот на главниот град по повод 30 години независност на државата.
Централната прослава ќе биде на отворено пред Собранието на Република Македонија со почеток во 17:30 часот, а ќе започне со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ по што следи дефилето.
Според протоколот, официјалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на химната на Македонија од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.
По обраќањето на премиерот, односно од 19:30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.
Покрај официјалните гости и медиумите, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, предвидено е присуство на околу 1000 акредитирани граѓани кои приложиле вакцинален сертификат или потврда за прележаност од Ковид-19.
Поради одбележувањето на празникот, затворени за сообраќај од 11 часот ќе бидат бул. „Кочо Рацин” на потегот од крстосницата со бул.„Кузман Јосифовски Питу” до ул.„Кирил и Методиј”, ул.„11-ти Октомври” на потегот од ул.„Крушевска Република” до ул.„Димитрие Чуповски”, ул. “Филип Втори” на потегот од бул.„Гоце Делчев” до ул.„11–ти Октомври”, Кеј „13–ти Ноември” на потегот од ул.„Филип Втори “до бул.„Кочо Рацин”, ул.„Мирче Ацев” на потегот од ул.„Филип Втори „до бул.”Кочо Рацин”, ул.„Димитрија Чуповски” на потегот од порта Македонија до бул.„Климент Охридски” и ул.„Даме Груев” од крстосницата со ул. „Македонија” до ул. „11-ти Октомври”
Претседателот Стево Пендаровски денеска по повод Денот на независноста, со орден „8 Септември“ ќе ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.
Претседателот Пендаровски, премиерот Зоран Заев, замениците на премиерот Артан Груби, Љупчо Николовски и Фатмир Битиќи како и министерка за образование и наука Мила Царовска ќе положат цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски на градските гробишта Бутел во Скопје.
Цвеќе пред вечните почивалишта на Глигоров и Трајковски ќе положи и собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието на Република Македонија, Горан Мисовски, составена од пратеничките Снежана Калеска-Ванчева и Велика Стојкова-Серафимовска
Во пресрет на одбележувањето синоќа артилерискиот баталјон на Армијата изврши почесна артилериска стрелба со 10 плотуни.
Пред три децении на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.
Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и воведувањето на денарот на 26 април 1992, формирањето на сопствени вооружение сили.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.
Низ 30-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Троцифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.
Спорот со Грција поради името, по долгогодишни разговори под покровителство на Обединетите нации, конечно беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со попишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ.
На 27 март 2020 година Македонија стана 30 членка на НАТО. Иако веќе 16 години е земја кандидат, а во 2009 година ја доби првата препорака за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, евроинтеграцијата која долго време беше бликирана од Грција, сега е попречувана од Бугарија. Софија и покрај потпишаниот билатерален Договор за пријателство и добрососедство во август 2017, засега не се согласува со останатите 26 земји членки на ЕУ да почнат преговорите со Скопје.
Македонија, и покрај пречките, како што тврдат сите политички чинители во земјава, останува на европскиот пат, очекува скорешно решение за недоразбирањата и исполнување на стратешките цели – членство во ЕУ, зацврстување на демократијата и економски развој.