Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино изјави дека Светското првенство во Русија е најдобро организирано во историјата на мундијалите, но западните медиуми токму за финалето помеѓу Франција и Хрватска (4:2) се обидоа да најдат неелеганција кај Русите и влакно во руското јајце.

– И пред неколку години говорев дека ова ќе биде најдоброто Светско првенство досега. Денеска можам да го повторам тоа со многу поголема самодоверба… Ова е најдобриот Мундијал во историјата. Затоа сакам да им се заблагодарам на сите кои учествуваа во неговата организација, истакна Инфантино на прес-конференцијата во Москва.

Тој истакна дека Светското првенство ја смени перцепцијата на светот за Русија.

Речиси 130 претставници на специјалните служби од 34 земји во светот учествувале во обезбедувањето на мундијалот во Русија, изјави рускиот претседател Владимир Путин на средба со членовите на Центарот за меѓународна соработка во Меѓусекторскиот оперативен штаб за гарантирање на безбедноста на Мундијалот.

Путин им се заблагодари на руските соработници од специјалните служби и од органите за спроведување на законот за извршената работа, како и на претставниците на специјалните служби и органите за спроведување на законот од други земји. Тој рече дека во заедничката работа учествувале 126 претставници од 55 специјални служби и органи за спроведување на законот од 34 земји.

Путин информира дека за време на Светското првенство биле спречени 25 милиони кибер напади и други криминални активности против информатичката инфраструктура поврзана со шампионатот.

Рускиот претседател истакна дека за време на Мундијалот не бил направен ниту еден посериозен инцидент.

Путин рече дека во рамките на подготовката на Светското првенство биле проверени повеќе од два милиона луѓе и биле извршени повеќе од 400 инспекции во 194 инфраструктурни објекти.

Но, и покрај оценката за одличната организација од ФИФА, медиумите во Франција посветија сериозно внимание на вчерашната завршница од финалето, при доделувањето на признанијата кога почна пороен дожд во Москва.

Француските изданија „Клоусер“ и „Ел“ се фокусираат на церемонијата на доделувањето на која претседателите на Франција и Хрватска, Емануел Макрон и Колинда Грабар-Китаровиќ останаа на дождот и накиснаа, додека рускиот претседател Владимир Путин беше веднаш заштитен со чадор.

„Ел“ забележува дека Макрон и особено хрватската претседателка ги придобиле симпатиите на целиот свет за време на оваа неверојатна сцена.

Грабар-Китаровиќ ја зачува трпеливоста и насмевката и продолжи да им честита и да ги прегрнува фудбалерите и покрај силниот дожд. Слична беше и реакцијата на Макрон, за кого весниците на шега пишуваат дека тој, како и фудбалерите од националниот тим го „наводенил дресот“.

Коментаторите го критикуваат Путин за „недостиг на елеганција“ токму во овој момент, и мислат дека морал брзо да оди со чадорот до својата колешка од Хрватска и да ја заштити од дождот.

Француските изданија се осврнуваат и на упадот на четири лица на стадионот за време на финалето за кое одговорност презеде руската панк група „Пуси Рајот“, која објасни дека така сакале да привлечат внимание на проблемот со политичките затвореници во Русија и особено, да побараат ослободувањето на украинскиот режисер Олег Сенцов, кој е осуден на 20 години во Русија под обвинение за тероризам и трговија со оружје.