Премиерот Зоран Заев и претседател на владејачката СДСМ вчера по катастрофалниот пораз што го претрпе партијата на локалните избори на завршната прес-конференција по затворањето на гласачките места изјави дека поднесува оставка од двете функции.

– Ја преземам одговорноста за лошите резултати од овие избори, истакна вчера Заев, честитајќи им на политичките опоненти на изборната победа.

Тој им честиташе на сите избрани градоначалници на кои им посака чесно и одговорно да му служат на народот.

Заев вчера на прес-конференцијата во седиштето на партијата не најави што понатаму, кој би го презел кормилото во партијата, ниту пак кој би ја презел челната позиција во Владата.

Тој е претседател на СДСМ од 2013 година. Партијата има и заменик-претседател, Сања Лукаревска и четворица потпретседатели Мила Царовска, Венко Филипче, Фатмир Битиќи и Оливер Спасовски.

На премиерската функција е од 31 мај 2017 година, а втор премиерски мандат освои на изборите на 15 јули минатата година.

Согласно Уставот во членот 92 Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието. Собранието може да изгласа недоверба на Владата. Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници, а одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка.

Согласно членот 93 од Уставот, пак, Владата има право да постави прашање за доверба пред Собранието. Владата има право да поднесе оставка, а оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата и престанува мандатот и кога Собранието се распушта. Согласно Уставот Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада.

Заев вчера сепак нагласи дека останува на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што рече, престојат две и пол одлични и неповторливи години за државата од кои корист ќе има целиот народ и држава.

– Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено, рече Заев.  

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вчера изјави дека партијата извојувала голема победа и оти од тој момент почнуваат промените за подобра Македонија, пак, нагласи дека е најдобро власта да си замине на предвремени избори.

Тој изјави дека времето ќе покаже како ќе се одвиваат работите во врска со евентуално ново парламентарно мнозинство.

– Сакам да го замолам да размисли добро што ќе бидат идните чекори да се надмине себе си и да го направи најдоброто за Македонија. Да ја разбере порака, а тоа е дека е доста и треба да замине, му порача Мицкоски на Заев.