Грција е секогаш подготвена за чесно разбирање во рамките на меѓународното право, но исто така е секогаш неподготвена за нечесен и навредлив компромис, вели шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас во обраќањето за време на настан организиран од Здружението на новинари на Грција, во одговор на последните изјави од официјална Анкара, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу рекол дека Грција треба научи да го дели Источниот Медитеран со Турција и да се согласи за тоа.

Шефот на грчката дипломатија во неговиот говор рече дека цврста цел на Грција е да стане „влез и центар за енергетски транзит“, но и дека води широка мултилатерална надворешна политика, што им служи на меѓународното право, безбедност и стабилност.

-Нашата политика е политика со широки хоризонти. Гледаме кон југ, кон Медитеранот. Гледаме кон север, кон Балканот, кон нашето соседство, проширувањето на Европската унија. Гледаме кон големиот, преку Атлантикот, нашиот сојузник, САД. Ги зајакнуваме нашите билатерални односи со земјите – членки на Европската унија, освен нашите многу тесни односи во рамките на самата Унија. Исто така, ги зајакнуваме нашите трговски односи со Кина и нашите односи со Русија. Ние сме држава која има буквално мултилатерална надворешна политика, но која секогаш им служи на меѓународното право, безбедност и стабилност, рече Дендиас.