Грција дава целосна и силна поддршка за приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ и се залага за целосна имплементација на Договорот од Преспа и зајакнување на билатералната соработка, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас на зедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
– Радосен сум што сум тука, во прва посета на соседна С. Македонија, која наскоро ќе стане партнер на Грција во НАТО и кандидат за ЕУ. Сигурен сум дека наскоро ќе ги почнете пристапните преговори. Ја имате целосната поддршка од Грција, рече Дендиас.
Оцени дека има драматично подобрување на билатералната соработката, која и натаму се развива со фокус на економијата, воената соработка, инвестициите, инфраструктурата…
Билатералните односи, посочи Дендиас, поминуваат преку Преспанскиот договор. Има напредок во неговата имплементација, но има и доцнења во некои сегменти кои треба да се поправат.
– Грција го поддржува влезот на С. Македонија и на другите земји од Западен Балкан во ЕУ. Тоа е заедничка цел. Почнувањето на преговорите ќе биде значителен чекор и тоа за Грција е значајна цел. Го разбираме разочарувањето од одложувањето, но треба да се гледа напред. Важно е да се имлементираат европските вредности, а ние нудиме целосна соработка, рече Дендиас.
Министерот Димитров нагласи дека Македонија смета на грчката поддршка на патот кон ЕУ.
– Грција е наш стратегиски партнер, сосед и пријател. Преспанскиот договор отвори голем потенцијал за соработка што треба да се искористи, рече Димитров.
Посочи дека се очекува наскоро да се одржи првата седница на комисијата за трговски марки, како и состанок на еспертите за отворање на новите гранични премини меѓу двете земји и на комисијата за историски прашања.
На новинарско прашање дали е можно оспорување на Договорот од Преспа во двете земји, Дендиас рече дека ставот на актуелната грчка Влада е дека тоа е завршена работа и треба целосно да се имплементира.
– Со мојата денешна посета со Димитров ја продлабочуваме и ја прошируваме соработката. Двете земји имаат заедничка корист. Треба да се погледне картата за да се сфати тоа. Имаме заедничка иднина и пат, ако гледаме добронамерно, додаде шефот на грчката дипломатија оценувајќи ја како особено позитивна денешната негова посета.
Според него, постојат некои доцнења во имплемнтацијата на Договорот, за што разговарале со Димитров. Му посочил дека постои документ за следење на имплементација, како и дека има амбасадор кој е одговорен за следење на Акцискиот план за имплементација на Договорот.
-Имаме стратешка цел, долгорочна – влез на Западен Балкан во ЕУ под услов имплементација на европските вредности. Услуга не може да се направи на никого. Како што ние го поминавме овој тежок тест така треба да биде со сите земји кандидати. С. Македонија е во многу полесна положба од нас бидејќи ја има искрената соработка и поддршка од некој кој веќе го поминал овој пат успешно, рече Дендиас.
И Димитров вели дека Договорот од Преспа е веќе дел од нашиот правен систем и мора да се почитува.
-Имплементацијата на Преспанскиот договор веќе тече без разлика на предвремените избори, но во согласност со самата содржина и текстот на договорот. Дали опозицијата има ист став е повеќе прашање за опозицијата, битно е да се знае дека договорот е дел од нашиот правен систем и важи правилото Pacta sunt servanda – договорите мора да се почитуваат. Добра вест е што јас сум убеден дека прашањето е реторичко или хипотетичко бидејќи нема да победи опозицијата на следните предвремени избори, рече Димитров.
Според него, договорот создава повеќе правни обврски за нашата страна, но има прашања каде двете страни имаат еднакви реципрочни обврски, меѓу нив е е прашањето за брендовите и трговските марки.
– Тука многу важно е во добра мера да имаме разбирање и почит за грижата на другата страна. Ако тоа успееме да го направиме мислам дека и двете држави ќе бидеме големи, рече Димитров, запрашан за промовирање на брендот Macedonia the GReat во Грција.
Дендиас кажа дека треба да се гледа добронамерно во интерес на заедничката иднина, независно од процедурите кои треба да се спроведат.
Грчкиот министер за надворешни работи кој престојува во еднодневна официјална посета на земјава, попладнево ќе се сретне и со претсдеателот Стево Пандаровски и со премиерот Зоран Заев.
Од Скопје, Дендиас заминува за Албанија каде ќе изрази поддршка и ќе понуди помош за албанските власти во справувањето со последиците од земјотресот што ја погоди земјава утрово.