МВР ги заврши проверките во училиштата во Скопје и потврди дека и денешните дојави за бомби се лажни.

„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (09.02.2023) во 15.55 часот завршија сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 13 основни и 6 средни училишта во Скопје по добиените пораки на електронски адреси со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, велат од МВР.

Вчера цел на дојавувачите беа 16 школи во Скопје, како и три трговски центри (ГТЦ, „Ист гејт мол“ и „Сити мол“), МРТВ, Транспортниот центар и „Џевахир сити“.

Во вторник (7 февруари), пак, закани пристигнаа во дури 47 училишта во Скопје, а претходниот петок (3 февруари) во 10 средни школи.

Сите дојави досега се покажаа како лажни.