(Трета недела од великиот пост)

Во оваа трета недела од постот, празнуваме поклонување на чесниот и животворен крст од овие причини: бидејќи за време на четириесетдневниот пост на некој начин и ние се распнуваме, умртвувани од страстите, паѓајќи во униние имаме чувство на жалост, ни се предлага чесниот и животворен крст за да нè поткрепи и утврди и утеши, потсетувајќи нè на страдањата на нашиот Господ Исус Христос.

Ако нашиот Бог се распна заради нас, колку ли повеќе треба ние за Него да се трудиме, олеснувајќи ги нашите болки со предлагањето на страдањата Господови и со сеќавање и надеж на славата на крстот? Како што нашиот Спасител се искачи на крстот и се прослави, така треба и ние да правиме, та со Него и да се прославиме, иако нешто и жално претрпуваме.

И друго: како оние што минуваат долг и тежок пат и, заморени, ќе најдат некое лиснато дрво со сенка, седнуваат под него да се одморат, па остатокот од патот го минуваат како млади, така и сега во ова посно време и тежок пат и подвиг, Светите Отци ни го посадија на средината од постот живоносниот крст, кој ни дава олеснување и освежување, за да можеме остатокот од патот полесно да го минеме.

Или, како што при доаѓањето на царот му претходат некои знаци, а потоа и самиот тој доаѓа, радувајќи се и веселејќи се на победата, со него се веселат и неговите послушници, така и нашиот Господ Исус Христос, сакајќи да ја покаже победата над смртта и славата што ќе дојде по воскресението, го испрати напред Својот скиптар, царското знамение – животворниот крст, за да нè освежи и зарадува, и да нè подготви да Го примиме самиот Цар и, како светол победник, да Го прославиме.

Средината од светата Четириесетница е слична на горчливиот извор: како што божествениот Мојсеј во него стави дрво и водата ја направи слатка, така и Бог Кој нè преведе преку духовното Црвено Море, со животворното дрво на чесниот и животворен крст, со постот во Четириесетницата ја осладува горчливоста и нè утешува како оние во пустината се додека не нè воведе во духовниот Ерусалим со Своето воскресение. Или, бидејќи крстот се именува и е дрвото на животот, тој е она дрво на животот што беше засадено среде рајот.

Така и божествените отци го засадија крсното дрво среде Четириесетницата, потсетувајќи нè и на Адамовото лакомство и на неговото ослободување со сегашново (крсно) дрво; оти, вкусувајќи од него, не само што не умираме, туку и оживуваме.