Денеска е 27 август (по стар стил) и се слави Преподобен Пимен Велики.
Родум од Египет. Голем подвижник. Како момче ги посетуваше прочуените подвижници и собираше од нив опитно знаење како трудољубива пчела.
Еднаш, Пимен измоли од старецот Павле да го однесе кај свети Паисиј. Кога го виде Паисиј му рече на Павле: „Ова дете ќе пасе (затоа што Пимен значи пастир) многумина, со него е раката Божја.“
Со време Пимен се замонаши и кон монаштво привлече уште двајца од своите браќа. Еднаш дојде мајка им да ги види своите синови, но Пимен не ја пушти внатре, а ја праша: „Сакаш повеќе да нè видиш овде или во вечноста?“ Мајка му се оддалечи со радост, говорејќи: „Штом сигурно ќе ве видам таму, тогаш не сакам да ве видам тука.“
Во манастирот на овие тројца браќа, со кој управуваше најстариот брат, Анувиј, типикот беше ваков: ноќе четири часа минуваа во ракоделие, а четири во псалмопеење. Дење од утрото до пладнето времето го минуваа наизменично во работа и во молитва; од пладнето до Вечерната читаа, а после Вечерната си подготвуваа вечера: тоа им беше единствениот оброк во деноноќието, и тоа обично од некакво зелје.
За нивниот живот самиот авва Пимен рече: „Јадевме тоа што ни се предлагаше, никој никогаш не рече: дај ми нешто друго или јас тоа не го сакам. На тој начин ние го поминавме сиот живот во безмолвие и во мир“.
Авва Пимен се подвизуваше во 5 век и мирно се упокои во длабока старост.