Прочка секогаш е во недела. Денот не го менува, но датумот го менува. Тоа е празник со непостојан датум – подвижен празник. Таа не се врзува со календарот, со конкретен датум, туку е поврзана со Велигден. Кога ќе се празнува Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден. И Велигден и Прочка се секогаш во недела. Седмата недела по Прочка е Велигден.

Седмицата пред Прочка се нарекува сирна (сиропусна) недела, затоа што во тие денови не се јаде месо, туку се јадат млеко и јајца и продукти што ги содржат нив. Со месо се запостува претходната недела навечер, кога последно се јаде месо и потоа, дури на Велигден. Таа се нарекува и Бела недела.

Проштална недела или Недела на проштевањето е зашто Седмицата завршува со неделата во која луѓето си проштеваат едни на други, за да ги остават и гревовите со оставањето на мрсната храна, а во постот да се воздржуваат и од гревовноста. На Прочка верниците меѓусебно си простуваат пред почетокот на Велигденскиот пост.

Зборот „Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување. Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.

Велики поклади е Неделата навечер, неделната вечера која е богата со млечни производи, со пита со сирење и со јајца.

Сето ова се збива во еден ден, во последениот ден пред почетокот на Велигденскиот пост. На овој ден и небото и простува на земјата, а човекот му простува на човекот.

Пораката е: Проштевајте! – Бог да прости, лесни пости! Ако не простиме, залудно ќе постиме. Лицемерно е да јадеш леб и вода, а да не проштеваш и да не се каеш.

Целта на празникот е со чиста душа да се започне велигденскиот пост. Уште утре треба да започне чистењето на душата што ќе биде главна задача во постот. Задутре нека почне и телесниот пост, за скротување на телото и воздржување од сластите и страстите.

Прочка е предпочеток на Велигденскиот пост. Црквата го поставила како силен потсетник на духовниот карактер на постот. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.

Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна. Секаде се одбележува овој празник меѓу македонскиот народ. Прочка, всушност, може да се нарече и наш празник, празник на македонскиот народ, зашто овој народ најмногу проштевал и проштева. Ние сме со духот на Прочка, со дух на проштевање. Кому сè не сме му простиле и што сè сме претрпеле и пак сме простиле.

Така сме правеле низ вековите, а така правиме и денес. Тоа е нашата евангелска определба. Таква е нашата душа. Таков е нашиот дух. Такво е нашето трпение и љубовта кон сите. Ваквиот христијански однос е вграден во нас, низ нашата вера и традиција. Така е воспитуван и така се воспитува македонскиот човек, усовршувајќи се во доброто.

На Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.

Таа глетка е многу мила. Полнота на љубов и радост. Колку е благопријатно тоа чувство на проштевање и прегратка. Тоа ја облагородува душата и го поттикнува добродетелството. Тоа е рајска сцена и блажена состојба од душевната радост.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Простувањето не треба да биде формално, само со обични зборови, само изговорен збор, туку вистинско, кое ќе се случи прво во нас, во срцето и во душата, а потоа и во устата, низ зборовите: „прости ми“ – „простено ти е“.

На сите да им простиме сè. Дури и на непријателите. Така Господ направил. Бог бара од нас да не бидеме никогаш во непријателство со луѓето и да немаме злопамтливост.

Ако е до грешност и до казна, сите сме грешни и сите сме за казна. Но, Бог не нè повикал да судиме и да казнуваме, туку да простуваме. И поставила правило: Бог ќе ни ги прости нам гревовите, доколку и ние им простуваме на оние што ни згрешиле (Матеј 6,14-15;18,35). И рекол: „Проштевајте и ќе ви биде простено“ (Лука 6,37).

Прости му целосно и сè. Ако не му простиш ти, ќе му прости Бог. Така ти си си наштетил себе си, а не нему. Колкупати да му простиме? Вака прашал и апостол Петар, а Христос му одговорил: „До седумдесет пати по седум“ (Матеј 18,22), што значи безброј пати.

Да му простиш некому, па тоа е вистинското дело на љубовта. Да ги избришеш сите навреди, лаги и клевети на другиот кон тебе е духовен херојство. Тоа е растоварување на двете души – и твојата и неговата, од голема тежина.

За МИА подготви проф. д-р Ратомир Грозданоски