ДЕНЕСКА Е СВ. ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ: Од моштите на светецот роден во Осиче во Македонија се источуваа чуда и многу луѓе добија исцеление

/ 28.01.2023

Денеска е 15 јануари (според стар стил) и се слави Св. Гаврил Лесновски.

Свети Гаврил Лесновски живееше во XI век. Се роди во Осиче, крај Крива Паланка. Потекнуваше од семејство на богати и благородни родители кои долго време беа бездетни, та синот им се јави како Божјо благоволение кон нив, по многуте молитви и солзи.

Детето доби добро образование, и со Божја помош ги изучи „сите писанија“, и тоа на многу јазици, а Евангелието не го испушташе од рацете. Кога порасна, родителите му најдоа девојка од добар род, за да се ожени со неа. Тој тоа не го сакаше и му се молеше на Бога да го запази девството. Девојката умре пред да се земат, а Гаврил наследувајќи од родителите големо богатство, се замонаши.

Основа манастир на Лесновската планина, близу до Кратово, а црквата ја посвети на светиот Архангел Михаил. Собра монаси, постави игумен и таму го остави сиот свој имот. Тој самиот се оддалечи во планината во отшелнички живот. Се подвизуваше со сеноќни бденија и деноноќни молитви и претрпе многу искушенија од демоните.

Бог, во одговор на неговата вера, љубов и подвиг, уште во текот на животот го удостои со дар на чудотворење. На тоа место поживеа 30 години, а потоа се врати во манастирот каде што и почина, на 15 јануари.

Триесет години по неговото упокојување, му се јави на сон на еден руски монах по име Јосиф, кој се подвизуваше во Софија, па тој заедно со софискиот митрополит отидоа во Лесновскиот Манастир и ги најдоа моштите на светителот, та ги поставија за целивање во црквата. Од моштите постојано се источуваа разни чуда и многу луѓе добија исцеление.

Кога Балканот беше нападнат од Турците, бугарскиот патријарх, ги пренесе моштите во столицата на тогашното царство, во Трново, каде што останаа до 1393 година, кога Трново паѓа под турска власт, и потоа им се губат трагите.


Од истата категорија