Денеска е 25 јануари (според стар стил) и се слави Св. Григориј Богослов
Роден во Назијанз од татко Елин и мајка христијанка. Пред Крштението учеше во Атина заедно со свети Василиј Велики и Јулијан Отстапник. Често му пророкуваше на Јулијан дека ќе биде отстапник од верата и гонител на Црквата, како што и стана.
Врз Григориј особено влијаеше неговата мајка, Нона. Кога го заврши школувањето, Григориј се крсти. Свети Василиј го ракоположи за епископ Сасимски, а царот Теодосиј Велики наскоро го повика на испразнетиот престол на Цариградскиот архиепископ. Состави многубројни дела од кои најславни му се теолошките, заради што е и наречен Богослов. Особено значајно е неговото дело „Беседа за Света Троица.“
Пишуваше и против еретикот Македониј, којшто учеше искривено за Светиот Дух (како Духот да е Божјо создание) и против Аполинариј, којшто учеше искривено за Христос дека немал човечка душа, туку дека Неговото Божество му било наместо душа. Пишуваше и против царот Јулијан Отстапник, неговиот некогашен школски другар.
Во 381 година, кога во Соборот настана расправија околу неговиот избор за архиепископ, тој се повлече самиот, откако рече: „Не можат да нѐ лишат од Бога оние што нѐ лишуваат од престолот“. Потоа го напушти Цариград, отиде во Назијанз и таму до смртта поживеа во повлеченост, молитва и пишување корисни книги.
Иако беше со слабо здравје цел живот, сепак доживеа осумдесет години. Моштите подоцна му ги пренесоа во Рим, а главата му се наоѓа во Успенскиот Собор во Москва. Беше и остана прекрасно светило на Православната Црква, како по кротоста и чистотата на карактерот така и по ненадминливо длабокиот ум.
Се упокои во Господ во 390 година.