Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 26 јануари.

Денеска е Преподобен Ксенофонт, Марија, Јован и Аркадиј.

Сите беа едно семејство, а живееја во петтиот век во Цариград. Таткото Ксенофонт беше патрициј. Со жена му Марија имаше два сина Јован и Аркадиј. Сите се одликуваа со длабок благочестив живот. Се случи Јован и Аркадиј, тргнати на школување во Бејрут, да доживеат бродолом, што ги раздели, без да знаат еден за друг дека се живи. И родителите ги мислеа мртви, но од еден сон дознаа за нивната вистинска судбина, па појдоа во Ерусалим да ги најдат. Распрснатото семејство најпосле, на чудесен начин, повторно се собра заедно. Сите, таткото, мајката и двајцата браќа зедоа на себе монашки подвиг и го прославија Бога преку светите животи. Сите нив Црквата ги вброи меѓу светителите.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Јероним Емилијани.

Во светот има многу сирачиња и запуштени млади за кои никој не се грижи. Затоа Божјата провидност во различни времиња во рамките на црквата издигнувала каризматика, светци кои основале установи за згрижување на сирачињата. Меѓу нив се вбројува и Свети Јероним Емилијани. Бил роден во 1486 година во Венеција. Во 1528 година во неговата татаковина беснееле гладот и болестите. За потребите на сиромашните, тој продал се што имал, се грижел за болните и ги закопувал мртвите. Им се посветил и на децата без родители. Заразен од чума умрел во 1537 година, исполнувајќи го животот со делата со љубов кон најбедните во своето време.