Денеска е 13 мај (по стар стил) и се слави Светиот маченик Александар. Овој празник со големи почести се слави во кичевското село Белица, каде што има фреска од светецот во селската црква и се слави како заштитник на селото.

Осумнаесетгодишен војник во војската на царот Максимијан за кого е запишано дека бил Словен. Одрекол да ја изврши царевата наредба за чествување на римските идоли, заради што му бил предаден на капетанот Тиверијан: или да го посоветува да се откаже од Христа или да го мачи и да го погуби.

Бидејќи сите совети му беа залудни, Тиверијан го зеде со себе, го поведе низ Македонија кон Цариград, каде што и самиот мораше службено да оди. Во секое место низ коешто ќе поминеа, Александар беше жестоко мачен, но секаде излегуваа пред него христијаните молејќи го за благослов и храбрејќи го во подвигот.

По него одеше и неговата мајка Пименија. Во текот на патувањето, на Александар повеќепати му се јавуваше Ангел Господов, блажејќи му ги маките и храбрејќи го. На едно место наречено Карасура, маченикот со молитвата кон Бога направи чудо – имено, кога жедта му здодеа и нему и на војниците што го придружуваа, тој изведе студена вода на суво место.

На брегот на реката Ергина, Тиверијан му нареди на џелатот да го заколе Александар и да му го фрли телото во водата. А џелатот, кога замавна над главата на маченикот, виде наоколу светли Божји Ангели и се уплаши, а раката му премале.

Александар го запраша зошто му премале раката и тој рече дека гледа некои светли момчиња околу него. Желен да умре и да се соедини со Господ, Александар му се помоли на Бога да отстапат Ангелите за да не се плаши џелатот. И така џелатот ја заврши својата работа, во 289 година.

Пименија го извади од реката телото на нејзиниот син и чесно го погреба. На гробот на маченикот се случуваа многу исцеленија. По смртта, тој ѝ се јави на мајка си и ѝ навести дека и таа набрзо ќе замине во другиот свет.