Денеска е 27 мај (по стар стил) и се слави Светиот свештеномаченик Терапонт, епископ Сардиски.
Мнозина Елини ги обрати во верата Христова, заради што од незнабожците беше луто мачен со глад, затвор и ќотек. Гол го положија на земја, го врзаа за четири суви колци, па немилосрдно го биеја додека не му го свлекоа месото од коските.
Но, маченикот сепак остана жив, а оние суви колци зазеленеа и пораснаа во високи дрвја, од коишто големо мнозинство болни добиваа исцеление.
Најпосле, свети Терапонт беше заклан како јагне, во времето на Валеријан, и со душата се пресели во Царството Небесно за да ја гледа славата Божја во вечноста. Чесно пострада во 259 година.
Во времето на своето страдање, во третиот век, Терапонт беше епископ на малоазискиот град Сард, некогашна престолнина на областа Лидија. Неколку години по страшниот прогон на Декиј, што се случуваше во средината на третиот век, императорот Валеријан ги обнови прогоните, издавајќи два едикта против христијаните.
Едниот од нив беше насочен против првенците на црквата, т.е. против свештенството. Свети Терапонт до тогашното време се беше истакнал како одличен духовен раководител во својата црква, па како таков беше затворен, воден во окови до неколку градови во Мала Азија, мачен со глад и жед, камшикуван, а по сите тие страдања, поради цврстината на својата вера, најпосле беше обезглавен.