Марко КИТЕВСКИ
(Македонско црковно народен календар)

Денеска светата црква го празнува споменот на света Лидија Македонката. За неа се вели дека е првата што била крстена на европскиот континент, односно таа е првата Европјанка што била крстена од апостолот Павле. Таа има истакнато место и во Библијата поточно во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апотол Лука“.

Овде се вели дека кога апостолот Павле со своите соработници бил во Троада, имал видение, еден човек Македонец го викал во Македонија да го шири христијанството. „Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: „Премини во Македо¬нија и помогни ни!“ По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ не повикал таму да го проповедаме Еванге¬лието.“

И така од Троада преку Самотраки, Неапол стигнале во Филипи „првиот град, римска колонија“ каде што на народот му зборувале за верата Христова. Тука ја сретнале и Лидија првата крстена во Македонија.

„И така откако отпловивме во Троада, стигнавме прво во Самотраки, а на вториот ден во Неапол, а оттаму во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија. Во тој град престојувавме неколку дена. А во саботата излеговне надвор од градот при една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени, И една богобојазлива жена од градот Тиатир по име Лидија, која продаваше цр¬вени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го твори срцето да внимава на она, што зборуваше Павле. А кога се покрсти таа и нејзините домашни, нè замоли и рече: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!“ И нè принуди.“

Така Лидија Македонката станала првата жена христијанка, а нејзиниот дом станал и првата црква во Македонија, а со тоа и во Европа. Нејзината куќа во Филипи станала живеалиште на апостолите, дом Божји – храм и црква Христова. Тоа се случило во 51 или 52 година, на почето¬кот од второто мисионерско патување на апостолот Павле.

Така Македонија станала врата низ која христијанството се ширело во Европа. Во Македонија ги добило првите битки и првите победи со паганизмот, со старите верувања и суеверија. Затоа е важна Лидија Македонката за ширењето на христијанството на овие простори, а подоцна и многу пошироко.

Инаку, истражувачите истакнуваат дека Лидија била незнабошка, дека во гадот Филипи била доселена од градот Тиатир, од областа Лидија поради што и ја нарекле Лидија. Градот Тиатир бил познат по трговијата со црвени ткаенини уште од времето на Хомер. Тие ткаенини биле многу скапи и тргувањето со нив можеле да го вршат само богати луиѓе, бидејќи биле потребни многу пари за да се купи стоката.

За Лидија се вели дека била богата вдовица што тргувала со порфир (скерлет). Овие скапоцени ткаенини што се изработувале во Азија биле многу барани во Европа, за изработка на скапа облека. Лидија тргувала со висококвалитетни ткаенини со црвена боја кои што биле користени за изработка на облека на богатите луѓе во Филипи и пошироко во Македонија.

Ете затоа Лидија Македонката е значајна за христијанската црква. Во личноста на Лидија денешните Македонки имаат, навистина светол пример, бидејќи и денес тие можат да дадат свој придонес во остварувањето на вековните стремежи на онеправданиот и измачен македонски народ.“