Чекорите што ќе ги преземе Владата по воведувањето забрана за увоз на компир и мед одМакедонија во Косово како реципрочна мерка за воведувањето забрана за увоз на рибен подмладок и икра од Косово ќе бидат познати на средбата што ќе ја одржат денеска министрите за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство Крешник Бектеши и Трајан Димковски со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

Ова викендов на прес-конференција во Владата го најави министерот Димковски. Тој, во одговор на новинарско прашање дали ќе следи трговска војна со Косово, нагласи дека нема експлицитна забрана за увоз од Косово и додаде оти во земјава може да се увезува свежа косовска риба, но не и рибен подмладок и икра поради фактот што не спроведуваат мониторинг.

– По состанокот в понеделник (денеска) ќе биде јасно што ќе преземеме. Косово нема експлицитна забрана за увоз на рибен подмладок и икра и треба само да докажат дека го спроведуваат мониторингот. Воедно, забраната за увоз на рибен подмладок и икра не се однесува само за Косово, туку и за сите останати земји кои немаат мониторинг, бидејќи земјава се подготвува од следната година да добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар, рече во саботата Димковски.

Прецизира дека од земјава во Косово годишно се извезуваат до 1.000 тони компири, а извозот на мед е во вредност од околу 400.000 евра годишно.