Околу 6.000 правни субјекти од туристичко-угостителскиот сектор денеска напладне, пред Министерството за финансии, ќе почнат со најавените протести. Владата, пак, на прес-конференција ќе соопшти детали за претстојниот шести сет економски мерки.
Од денеска треба да почне и аплицирањето за финансиска поддршка на платите, мерка што беше дел од петтиот антикризен пакет, но не можеше да се реализира до донесувањето на законите во Собранието.
Туристичко-угостителскиот сектор бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти, еднократна финансиска помош за угостителските објекти на кои веќе една година им е забранета нивната примарна дејност и мораториум или репрограмирање со грејс-период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, сè додека не почнат да работат без рестрикции.
Барањата на туристичките агенции се еднократна неповратна финансиска помош, продолжување на рокот за важење на нереализираните ваучери за патување до декември 2022 година и ваучерите од проектот „Дома си е дома“ да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции.
Независната угостителска комора (НУК) целосно стои зад барањата и забелешките на угостителите и туристичките субјекти, но смета дека протестите не се соодветен начин за изразување незадоволство во услови на пандемија.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вчера рече дека на угостителите ќе им бидат супституирани 30 проценти од приходите за време на целиот период во кој се затворени, како и дека дополнително ќе им се дадат 50 отсто од бруто минималната плата за секое вработено лице. Тоа е предвидено со шестиот пакет.
Со шестиот пакет, како што напомена Битиќи, ќе бидат опфатени и туристичките оператори. Тој ги повика оваа или следната недела да седнат на заедничка маса и да договорат план на среден и на долг рок.
-Свесни сме дека затворање на одреден сектор има последици и затоа утре ќе ги донесеме економските мерки. Ќе одговориме соодветно, со сосема нов модел. Воедно сме подготвени исплатите од петтиот пакет да почнат веднаш, најбрзо што е возможно, зашто знаеме колку е потребно средствата да стигнат до граѓаните. Мерката е предвидена за 60.000 плати, за 60.000 работници или 120.000 за два месеца, а тоа се 120.000 семејства, истакна вчера Битиќи.
Сојузот на синдикати на Македонија ќе ја следи исплатата на финансиската поддршка за плати за февруари и март со цел навремено да се спречи секаков обид за злоупотреба на средствата од страна на работодавачите.
– Ги потсетуваме работодавачите дека средствата треба да легнат на сметките на работниците за двата месеци наеднаш, а срамно ќе биде доколку некој работодавач и покрај сите санкции повторно ги злоупотреби овие наменски средства, велат од Синдикатот.
Според Организацијата на работодавачи, петтиот сет економски мерки, иако задоцни, сепак ќе даде позитивни ефекти за зачувување на работните места и отварање на фабричките хали, а за трудоинтензивните гранки потребен е и шестти пакет на мерки, бидејќи во моментов поради локдаунот во Германија и во земјите каде се извезуваат производите нема потрошувачка на пазарот, но и странските партнери не бараат нови нарачки.
Работодавачите и самостојните вршители на дејност барањата за поддршка за плата од петтиот пакет мерки ќе може да ги поднесуваат до Управата за јавни приходи откако ќе бидат објавени и ќе влезат во сила законите и подзаконските акти, а крајниот рок е 30 април.
-Барањата за финансиска поддршка за исплата на плати на работодавачите и физичките лица кои вршат самостојна дејност ќе може да се поднесуваат електронски преку системите на Управата за јавни приходи по објава и влегување во сила на законите и подзаконските акти – Правилниците за формата и содржината на Барањето за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците и Барањето за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства во Службен весник на РС Македонија. Барањата до Управата за јавни приходи ќе се поднесуваат најдоцна до 30 април 2021 година, изјавија за МИА од УЈП.
Законските решенија, кои беа подолого време заглавени во Собранието, пратениците ги изгласа на седница вчера, а се однесуваат за исплата на плати за месеците февуари и март 2021 година. Се очекува да бидат опфатени 60 илајди работни места. Според законското решение месечната поддршка за самостојните вршители на дејност е 17.410 денари. Средствата нема да бидат вратени доколку 50 отсто од искористената финансиска поддршка до крајот на 2021 година се искористи за инвестициски вложувања, односно вложувања во материјални средства.
Исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците февруари и март 2021 година, е најмногу до 21.776 денари месечно по работник.