Голем протест е најавен на социјалните мрежи по повод денешното отворање на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, каде што се очекува висока бугарска делегација предводена од премиерот, Кирил Петков.
По тој повод партијата Левица, како и Млади за Македонија, на социјалните мрежи најавија протест против овој чин. И Левица и Млади за Македонија ги повикуваат граѓаните на овој јавен протест:
– Поради отворањето на клуб под името на еден од промоторите на фашизмот, империјализмот и антимакедонските политики, Иван (Ванчо) Михајлов, Левица-Битола повикува на јавен протест! Да го зачуваме македонското национално достоинство и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата, денеска (сабота, 16 април) во 13 часот на плоштадот Гоце Делчев (пред Домот на култура) да се мобилизираме и да го искажеме нашиот револт! Најстрого ја осудуваме дозволата за отворање на ваков клуб во Македонија, премолчувањето за ваквата иницијатива од страна на Владата на Република Македонија која индиректно поддржува рехабилитација на фашизмот, империјализмот и антимакедонизмот!- објави Левица
Исто така, за учество на протестот повик објавија и од Млади за Македонија.