Според календарот на МПЦ денеска е Преподобен Симеон Дивногорски.

Свети Симеон се роди во Антиохија во 522 година. Рано остана без татко, а рано и го започна својот подвижнички живот од својата шеста година го воспитуваше некој духовник пустиножител Јован. По некое време започна со подвиг на столпништво, а во последните години од животот се повлече на гората наречена Прекрасна.

Неговите големи подвизи толку го доближија до Бога, што Симеон имаше добиени големи духовни дарови исцелуваше луѓе, скротуваше ѕверови, проѕираше во далечните краишта на земјата, како и во срцата на луѓето.

Откако добро му послужи на Бога, се упокои во мир во 596 година, а во својата 75. година.

А според католичкиот календар денеска е Св. Норберт.

Бил роден во 1085 година, во Холандија. Стапил во манастирот Свети Бенедикт, во Сиегсбург. Желбата за совршенство и објаснувањето на вечните, од Господ објавени вистини, го довеле до совршенство. Бил голем проповедник. Бил избран за надбискуп во Магдебирг.

Свети Норберт умрел во 1134 година.