Најважниот гасовод што испорачува руски гас во Германија, Северен тек 1, од денеска нема да работи поради ремонт, како што претходно најави операторот, што ја зголемува вознемиреноста во Германија дека тоа може да значи целосно запирање на испораката.
Работата на гасоводот ќе трае 10 дена, до 21 јули, па за време на ремонтот повеќе нема да има испораки на гас од Русија за Германија.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек изрази стравување дека Русија веќе нема да испорачува гас дури и по ремонтот.
Русија уште во јуни значително ги намали количините што ги испорачува за Западна Европа, со објаснување дека има проблем поради турбина што недостасува.
Според податоците на Федералната агенција за мрежа, Германија добивала само околу 40 отсто од својот гас преку Северен тек.
Германија добиваше помали количини гас и преку други гасоводи.
Властите во Берлин претпоставуваат дека исклучувањето на Северен тек 1 може да трае подолго од најавеното, можеби и до две недели.
Сепак, постои страв дека и после ремонтот Северен тек може да остане без гас.
Германскиот вицеканцелар и министер за економија Хабек рече дека го очекува најлошото сценарио.
– Се е можно, се може да се случи. Можеби ќе се испорачува повеќе гас, повеќе од досега, но може да има и целосен прекин на испораките, нагласи тој.
Овој страв го дели и германската индустрија, пред сè хемиската и фармацевтската, која е голем потрошувач на енергија.
Француската Влада ќе го искористи летото за да се справи со евентуален целосен прекин на испораките на руски гас, што е „најверојатната опција“, изјави министерот за економија Бруно Ле Мер.
– Ова значи дека ја забрзуваме нашата енергетска независност, истакна тој.
Во денешното интервју за „Фигаро“, министерката за енергетска транзиција, Аниес Паниер-Рјунасе, забележува дека кабинетот мора да се подготви за најлошото сценарио, бидејќи во секој момент Русија може целосно да го прекине снабдувањето со гас. Таа прецизира дека поради овој ризик, снабдувањето со гас се диверзифицира со зголемување на капацитетот со проектот за пловечки терминал за метан во Ле Авр, а во исто време се забрзува складирањето на гас. Владата нареди националните складишта за гас да се наполнат до речиси 100 отсто до почетокот на есента.
Може да има тензија со снабдувањето со гас во зима, предупреди во саботата премиерката Елизабет Борн. Според неа, компанијата за електрична енергија ЕДФ планира да го зголеми производството на електрична енергија со постепено враќање во употреба на 12-те нуклеарни реактори (од вкупно 56) затворени заради одржување. Но, доколку има недостиг од струја, Владата за зима подготвува низа мерки за да им даде приоритет на домаќинствата и на некои индустриски сектори, додаде таа.
Можно е некои индустриски претпријатија да бидат принудени да ја намалат потрошувачката на електрична енергија, па дури и да ја прекинат употребата на енергија на одредено време, прецизира Бруно Ле Мер.
Француската Влада создаде три работни групи за подобрување на заштедата на енергија во администрацијата, компаниите и институциите кои работат со граѓаните. Целта е да се подготви патоказ за намалување на потрошувачката на енергија за 10 проценти во рок од две години од 2019 година.
Недостигот од гас ќе ја погоди и Италија. Италијанската компанија Ени денеска соопшти дека Газпром дополнително го намалува снабдувањето со гас, бидејќи рускиот гигант започнал 10-дневен редовен ремонт на својот гасовод Северен поток 1.