Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска во Брисел ќе присуствува на првата Меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ.
Со оваа Меѓувладина конференција, конечно по 17 години чекање, земјава официјално ги отвора преговорите за членство во ЕУ, откако прва меѓу земјите од регионот на Западниот Балкан на 9 април 2001 година во Луксембург ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која стапи во сила во 2004 година, а една година подоцна го доби и статусот на земја кандидат за членство во ЕУ. На Конференцијата премиерот Ковачевски отворачката изјава ќе ја прочита на македонски јазик.
Во состав на владината делегација меѓу останатите се и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министрите за надворешни и за внатрешни работи Бујар Османи и Оливер Спасовски.
Пред одржувањето на Меѓувладина конференција, премиерот Ковачевски ќе има средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Одржувањето на Меѓувладина конференција следи откако синоќа земјите членки на ЕУ се согласија да ги отворат пристапните преговори со Македонија и со Албанија и решија официјално да ги поканат двете земји денеска да ги започнат меѓувладини конференции.
Ваквата одлука синоќа на Твитер ја потврди чешкиот премиер Петр Фиала, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, кој во објавата посочи дека Советот на Европската унија одлучи да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.
– Правиме важен чекор напред во приближувањето на Западен Балкан кон Европската унија. Ова е голем успех за нашето претседателство, наведе Фиала на Твитер.
Директорката во Европската служба за надворешни работи, чешката амбасадорка Едита Хрда пак оцени дека ваквата одлука претставува „навистина историски момент“.
Како што оценува ЕУ во воведната изјава за пристапните преговори, одлуката за нивно отворање не само што претставува важен чекор во односите на Македонија со Унијата, туку е и јасен показател за недвосмислената поддршка на блокот за европската перспектива на Западниот Балкан.
– Вашата земја е дел од европската историја, наследство и култура и очекуваме уште повеќе да ги интензивираме нашите веќе добро воспоставени врски. Отворањето на пристапните преговори дополнително покажува дека, кога се исполнети условите, ЕУ ги исполнува своите обврски. Ја поздравуваме одлучноста на С. Македонија да напредува во однос на реформската агенда на ЕУ и очекуваме континуирана политичка посветеност за темелно и интензивно спроведување на неопходните реформи, се додава во изјавата.
На оваа прва Меѓувладина конференција ќе биде усвоена Преговарачката рамка за членство на земјава во ЕУ со што започнува процесот на скриниг, по чие завршување и по промената на Преамбулата и на Амандманот 12 на Уставот, по автоматизам се одржува втората Меѓувалдина конференција, по која почнува процесот на преговори по кластери и поглавја. Со измените на Уставот во делот каде што се наведени „албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ…“ ќе треба да се додадат и граѓани кои се дел од други народи, каков што е бугарскиот народ.
Бугарската Влада, пак, веднаш по усвојувањето на заклучоците на Советот на ЕУ за старт на преговорите, изразува подготвеност да ги повлече своите резерви за склучување на предлог договорот меѓу ЕУ и Северна Макеоднија за статусот на Фронтекс, кој ќе биде потпишан на македонски јазик.
Условувањето на одржувањето на втората Меѓувладина конференција со уставните измени, како што нагласи во неделата шефот на дипломатија Бујар Османи, е придобивката на Бугарија од компромисниот француски предлог за старт на преговорите, додека земјава ја добива одредницата за македонскиот јазик без никакви додавки, фусноти или астерикси, ставот дека историските прашања не се услов за отворање и затворање на поглавјата, како и почеток на преговорите со одржувањето првата Меѓувладина конференција.
Според Османи, земјава во текот на преговорите никогаш не се обидувала да го смени бугарскиот став за македонскиот јазик, туку да спречи тој став да стане европски.
– И таа битка ја добивме затоа што во ЕУ сега и во иднина јазикот ќе биде чист без никакви квалификации, фусноти и додавки, нагласи Османи на брифингот по враќњето од Софија, каде во неделата беше потпишан Протоколот меѓу С. Македонија и Бугарија, како билатерален документ кој произлегува од член 12 од Договор за добрососедство и не е дел од документите што се однесуваат на старот на преговорите на земјава со ЕУ.
Како што истакна премиерот Ковачевски минатата недела во обраќањето пред пратениците по Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка, таа на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции.
– Прво, јасно го прецизира македонскиот јазик како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија. Тоа е тоа што го баравме. Нашата национална ДНК, македонскиот јазик, да биде службен и единствено официјален јазик. Да, со европскиот предлог, целиот процес на нашите преговори, сите милиони страници во годините што следат, заклучно со Актот за полноправно членство, ќе бидат напишани на македонски јазик. На македонски јазик ќе се зборува официјално и во Брисел и во сите европски престолнини. Тоа е најголемото достигнување, најважниот успех, истакна премиерот, додавајќи дела билатерални прашања не се дел од Преговарачката рамка, која е ослободена од ваков тип на прашања и се дефинира одржување на првата Меѓувладина конференција веднаш.
Деблокадата на нашиот европски пат беше овозможено со прифаќањето на предлогот на француското претседателство со ЕУ од 30 јуни 2022 година, од страна на Влада во саботата, откако претходно истиот ден Собранието усвови заклучоци по Информацијата за предлог-преговарачката рамка. Со заклучоците Собранието ја задолжи Владата да ги продолжи разговорите со Европската Унија, со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси.