Во Венеција денеска почнува 77-то издание на Меѓународниот филмски фестивал – „Мостра“, сепак, во сенка на епидемијата на коронавирус. Програмата е намалена, а мерките за заштита ќе бидат задолжителни.

Вкупно 60 играни филмови и 15 кратки филмови ќе бидат прикажани за време на фестивалот, соопштија организаторите.

Во официјалната трка за главната награда „Златен лав“ годинава ќе се натпреваруваат 18 филма, од кои четири се италијански – „Le sorelle Macaluso“ од Ема Данте, „Padre nostro“ од Клаудио Ноче, „Miss Marx“ од Сузана Никијарели и „Notturno“ од Џанфранко Орси. Уште еден италијански филм – „Lacci“ од Даниеле Лукети, ќе се прикаже вон конкуренцијата за „Златен лав“, а со него и ќе се отвори фестивалот, којшто ќе трае до 12 септември.

Жирито годинава го предводи австралиската глумица Кејт Бланшет. Меѓу членовите се и Французинката Лудивин Сање и режисерите – Германецот Кристијан Пецолд и Романецот Кристи Пују.

Британската актерка Тилда Свинтон и режисерката од Хонг Конг – Ан Хуи ќе го добијат Златниот лав за животно дело.

Иако годинава се откажани бројни културни настани поради коронавирусот, меѓу коишто и Канскиот филмски фестивал, организаторите на Мостра не се одлучија на откажување. Но, со јасни правила – бројот на филмски проекции е ограничен, додека во салите, гледачите ќе мора да одржуваат физичко растојание и да носат маски. Ќе има и термални камери така што никој со телесна температура над 37,5 Целзиусови степени, нема да може да влезе.

Златниот лав минатата година го освои филмот „Џокер“ во режија на Тод Филипс, со Хоакин Феникс во главната улога.

Фестивалот, како дел од Венециското биенале, бил основан од грофот Џузепе Волпи во 1932 година. Од 1932 до 1942 година, главната филмска награда била именувана како „Куп Мусолини“, по тогашниот италијански фашистички премиер Бенито Мусолини. Наградата била именувана како „Златен лав“ во 1949 година, а првото признание го добил францускиот филм „Манон“.