Американскиот претседател Доналд Трамп на Truth Social, објави дека е договорено „целосно“ примирје во конфликтот меѓу Израел и Иран, кое треба да стапи на сила во фази, потенцијално ставајќи крај на она што тој го нарече „12-дневна војна“.
Трамп рече дека примирјето ќе се спроведува во фази во текот на 24 часа, „ и потоа Војната ќе се смета за завршена“.
Израелскиот премиер изутрината изјави дека Израел се согласил на предлогот на Трамп за прекин на огнот со Иран.
Израел, како што ја пренесе Ројтерс изјавата на Нетанјаху, ги остварил своите цели остранувајќи ја иранската нуклеарна и балистичка закана.
Претходно Израел објави дека повеќе бранови ирански ракетни напади биле извршени неколку минути пред почетокот на прекинот на огнот во 7 часот наутро. Израелските власти објавија дека најмалку три лица биле убиени во градот Бершеба околу 6 часот наутро кога била погодена висока зграда.
Некои детали останаа нејасни по деталната објава на Трамп на социјалните мрежи на 23 јуни.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, се чини дека призна дека е во тек пауза во нападите, но неговите коментари рано на 24 јуни предизвикаа одредена конфузија по објавата за прекин на огнот на Трамп.
„Во моментов, нема договор за прашањето за прекин на огнот или прекин на операциите“, напиша тој на Телеграм во првите официјални коментари од иранската влада.
„Сепак, под услов израелскиот режим да ја прекине својата нелегална агресија против иранскиот народ до 4 часот наутро денес, немаме намера да продолжиме да одговараме“, додаде тој.
Иран вчера на 23 јуни ги нападнал американските сили стационирани во катарската воздухопловна база Ал Удеид.