Километарски колони од возила од утринава се пред граничниот премин Богородица, за влез во Грција.

На социјалните мрежи се споделуваат видеа и коментари дека колоната е долга и до десет километри.

Граѓаните кој тргнале на одмор во соседната држава велат дека колоните се толку долги поради што воопшто не ја гледаат ниту границата.

“Добро утро “Илинденци”, убав провод”, пишува објавувачот на една од групите на Фејсбук.

По реакцијата на граѓани дека на Богородица се чека и по два часа, од МВР велат дека граничниот премин работи со полн капацитет.

– На ГП Богородица се работи со полн капацитет. Сите сообраќајни ленти наменети за контрола на патници се во функција, сѐ со цел непречено и брзо извршување на потребната контрола за излез од Македонија. Во моментот времето на чекање не е подолго од 30 минути – велат од МВР.

На граничниот премин Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е околу еден час. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти Автомото сојузот.