Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го победи Гркот Стефанос Циципас во финалето на Австралија Опен со 3:0 (6:3, 7:6, 7:6) и се врати на челната позиција на АТП листата.

Ѓоковиќ се радуваше пред полните трибини во Род Лејвер Арена, по ланското фијаско, депортацијата и оставањето без шанса за битка.

Тој годинава се врати посилен и сосема заслужено го крена трофејот во Мелбурн.

Со оваа победа Ѓоковиќ го освои својот десетти трофеј на Австралија Опен, а се израмни и со Рафаел Надал на „вечната листа“ со по 22 освоени Грен слем титули.

– Морам да кажам дека ова беше еден од најтешките турнири во мојот живот. Не играв минатата година и се вратив оваа. Сакам да им се заблагодарам на сите што ме примија, ми направија да се чувствувам удобно во Мелбурн и Австралија. Само мојот тим и семејството знаат низ што минавме во последните четири или пет недели. И би рекол дека, со оглед на околностите, ова е најголемата победа во мојот живот, рече Ѓоковиќ.

По триумфот во Мелбурн, Ѓоковиќ од утре се враќа на првото место на АТП ранг-листата.