Во Министерството за правда засега нема предлог околу уставните измени, кои треба да произлезат од имплементацијата на Договорот од Преспа, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска.

Таа одговорајќи на новинарско прашање во врска со уставните измени и натамошните чекори на маргините на регионалната конференција на тема дерадикализација, постапување и ресоцијализација на осудени лица во Западен Балкан истакна дека претстојните денови треба да се донесат одлуки за натамошниот тек на настаните.

– Треба да се донесат одлуките дали ќе се оди на предвремени избори или на уставни измени ако се обезбеди мнозинството, рече таа.

Појасни дека почетната процедура во подготовка за измена на Уставот не подразбира веднаш да се почне со уставни амандмани, коишто се технички драфтирани, туку со предлог за измена на Уставот, којшто е во описен текст.

– Така што доколку постои мнозинство Владата ќе почне со таа постапка, рече Декоска.

Додаде дека кога ќе се согледаат натамошните чекори ќе се постигне договор во рамки на Владата околу тоа која институција ќе ја преземе обврска за изработка на измените.

– Веројатно најупатени се преговарачите, коишто ги знаат деталите од преговорите, но во секој случај ќе има договор во Владата која институција ќе ја даде формата на тие измени, додаде министерката за правда.