Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини и лидерката на француската крајна десница Марин Ле Пен, кои го зајакнуваат својот долгогодишен сојуз пред изборите за Европскиот парламент, денеска порачаа дека ќе работат со цел кандидатите со слични мислења во Европа да се приклучат на нивното „семејство“.

Салвини и Ле Пен разговараа денеска во Париз, пред состанокот на министрите за внатрешни работи на Г7.

Како што се наведува во соопштението од кабинетот на Салвини, лидерите на италијанската Лига и францускиот Национален собир разговарале за труд, семејство и заштита на животната средина како главни теми на претстојното гласање за ЕП.

– Во полна форма и подготвена за победа на европските избори на 26 мај, заедно со Матео Салвини, напиша Ле Пен на Твитер каде објави и фотографија од состанокот со лидерот на Лига.