Уште од летото, Брисел ја чекаше одлуката на полскиот Уставен суд – и се плашеше од таа одлука. Меѓутоа, пресудата во четвртокот (7 -ми октомври), според која правото за ЕУ ​​не е во согласност со полскиот Устав, предизвика бес во европските институции и во Европскиот парламент (ЕП). Зашто, одлуката на судот практично се сфаќа како почеток на Полексит, односно пат без враќање кон напуштање на ЕУ, пишува Барбара Весел за Дојче веле.

Уставниот суд во Варшава прогласи за неуставни одредени делови од европското право. Ова првенствено се однесува на правото на ЕУ да интервенира поради закана за владеењето на правото во нејзините земји-членки, што е случај со Полска. Фактот дека Варшава ги потпиша европските договори не значи дека го предала својот правен суверенитет во рацете на ЕУ, заклучи Судот.

Полска наскоро без пари и право на глас?

Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли рече дека таквата одлука нема да остане незабележана. „Приматот на правото на ЕУ мора да биде неспорен“, напиша тој. „Ја повикуваме Европската комисија да ги преземе неопходните чекори.“

Европската комисија, која е на потег како чувар на договорот за ЕУ, рече дека пресудата, која досега беше донесена само усно, сугерира проблеми со превласта на европското право над националното, како и со авторитетот на Европскиот суд на правдата во Луксембург.

Комисијата „нема да се двоуми да ги користи опциите од европските договори“, објави надлежниот комесар Дидие Рејндерс.

Ова може да значи дека постапката според членот 7 од Договорот за ЕУ, која со години се оддолговлекува во Полска, конечно ќе биде забрзана. Доколку се утврди сериозно кршење на владеењето на правото, оваа постапка може да резултира и со одземање на гласот на Варшава во рамките на Унијата.

Како што се слуша во Брисел, досега со сите средства беше избегнат отворен политички судир. Но, сега нема каде да се оди, бидејќи пораката на полскиот Уставен суд беше сфатена како објава на војна. Полска долго време беше цел на критики за спорните закони, особено откако владејачката конзервативна Партија на правото и правдата (ППП) беше обвинета дека го контролира судството.

“Тешко е да се поверува кога Владата на ППП тврди дека не сака да ја напушти ЕУ. Го прават токму спротивното. Тоа е доволно”, напиша Јерун Ленаерс, кој го претставува најголемиот парламентарен комитет на ЕП, Европската народна партија.

Со прогласување на европските договори за некомпатибилни со полското право, нелегитимниот Уставен суд ја доведе земјата пред Полексит. Критичарите ги обвинуваат полските власти за назначување на политички подобни судии во Уставниот суд. Овој закон, усвоен од владејачкото мнозинство на ППП, според кој се именуваат судии, е отфрлен како незаконски во неколкуте пресуди на Европскиот суд на правдата во Луксембург. Дали е ова легално поведување на член 50?

Европратеникот Ленаерс исто така рече дека Европската комисија мора да ги искористи сите инструменти за да не ги поддржи „автократите во Варшава“. Ова алудира на можноста за одземање на Полска од пари од заедничката каса. Брисел веќе стави на мраз специјални средства од голем фонд за обнова на економијата по пандемијата.

„Ако не постои правна заедница во Европската Унија, тогаш таа се распаѓа“, вели Јенс Гејер од Социјалистичката група на ЕП.

Полска има две опции: да го прилагоди полскиот устав на европското право или да ја напушти ЕУ.

„Одлуката на Варшава е првенствено шлаканица за полските граѓани“, рече Сергеј Лагодински од Зелените. Иако полскиот премиер Матеуш Моравиецки постојано негираше дека неговата земја планира да ја напушти ЕУ, некои европски правни експерти велат дека одлуката на Уставниот суд е практично најава за поделба. Затоа што, ако приматот на европското право се одрече како еден од темелите на ЕУ, тогаш ова може да се протолкува како активирање на членот 50, кој предвидува можност за напуштање на ЕУ, вели професорот по европско право Франц Мајер.

„Значи, тие или си заминуваат или го менуваат полскиот Устав.“

И германскиот професор по уставно право Рене Репаси коментира дека ниту еден национален суд на членка на Унијата никогаш не направил толку голем чекор кон легално излегување од Европската Унија.