Луиџи ди Мајо, кој е и министер за надворешни работи, денеска соопшти дека се повлекува од лидерската функција на движењето Пет ѕвезди, најголемата партија во коалициската Влада во Италија.

– Верувам дека мојата задача е завршена. Сега започна новата фаза за Движењето, кога е неопходно да се создаде модел за иднината на земјата, рече Ди Мајо на јавен настан во Рим, кој во живо се пренесуваше на неговата Фејсбук страница.

Луиџи Ди Мајо го предводеше Движењето од 2017 година, кога основачот на таа партија, комичарот и блогер Бепе Грило одлучи да се повлече. Номинацијата на Ди Мајо беше одобрена со партиско гласање на специјална онлајн платформа. Политичкиот лидер, кој имаше клучни позиции во Владата изминатата година и половина, е обвинет за неуспесите на партијата на последните регионални и европски избори, како и за забележливиот пад на нејзината популарност.