Новата италијанска влада ќе се држи до своите проруски ставови и критички ќе гледа кон Европа, пишува германскиот Ди Велт. Според првите проценки на германскиот весник, ова е веќе шестти удар на темелите на ЕУ и би можел да биде фатален, бидејќи во Европа има премалку вистински Европјани, а политичките кругови се премногу одвоени од луѓето.

„Новата италијанска влада ќе биде непријателски настроена кон Европа и пријателска кон рускиот претседател Владимир Путин. Прашање е уште колку такви закани Европа може да издржи“, пишува аналитичарот на Ди велт, Алан Поснер.

„Вајмарската република се урна заради недостаток на демократија. Европа може да заврши исто така заради недостаток на Европјани. Со новата влада во Рим скептицизмот кон Европа станува официјална политика на една од земјите кои се вградија во темелите на ЕУ. По неуспехот со уставната криза и кризата со еврото, неуспехот со бегалската криза, Брегзит и бунтот на Вишеградската група која ја сочинуваат Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, ова е шести напад на темелите на ЕУ“, нагласува Поснер.

“Новата коалициска влада на Италија ја сочинуваат Движењето пет ѕвезди и Северната лига, создадена како партија која е непријателски настроена кон, наводно, мрзливите Италијанци од југот на земјата и корумпираните елити. Програмата пак на Петте ѕвезди е спој на ставовите кои во Германија ги поддржуваат Пиратската партија, Зелените, Дие Линке и разни автори на езотерични книги“, тврди Поснер.

Но, тоа што ги поврзува двете партии е нивниот отпор кон ЕУ.

„Движењето пет ѕвезди веќе ја изрази својата намера да побара ревизија на европските договори, што беше потврдено и од основачот на движењето Бепе Грило. За него Европската централна банка е најопасен непријател на Италија, а не исламистите или Русија. Како речиси сите популисти или евроскептици, Движењето пет ѕвезди и Северната лига, ја гледаат Русија како нивен природен сојузник. Лигата договори соработка со партијата на Путин нејзиниот челник Матео Салвини за време на посетата на Москва е фотографиран во маица со ликот на рускиот претседател“, продолжува Поснер.

Движењето Грило присуството на Запад во Украина го нарекува „агресија“, а учеството на руските трупи во ослободување на Алепо го поздравува како „ослободување на уништениот град“, истакнува германскиот колумнист.

„Либералните, прозападните и проевропските елити од континететот под покровителство на германската канцеларка Меркел денес се во дефанзива. Евроскептичните партии или ги составуваат владите или се дел од нив во Бугарија, Италија, Грција, Малта, Австрија, Послка, Чешка, Словачка и Унгарија“ додава Поснер.

 

За германскиот аналитичар несфатливо е дека во Италија повеќе од половина жители на возраст под 45 години би гласале за излегување на Италија од ЕУ, додека повозрасната генерација со 68 отсто е за останување во ЕУ.

Новата германска влада создадена е врз основа на колициски договор од 175 страници, но од нив, само пет страници се посветени на Европа, а кризата во ЕУ, политичка и идеолошка, не се ни споменати, пишува Ди Велт.

При тоа, користењето на Доналд Трамп како непријател за да се изврши кохезија на Европа, авторот го смета за апсурд што не би успеал ни за време на Џорџ Буш.

„Речиси хистеричната реакција на германските политички кругови на американското повлекување од иранскиот нуклеарен договор може да се смета само како обид да се оживее антиамериканскиот дух, затскриен зад европски патриотизам, како што тоа го правеше Герхард Шредер на германските избори. Но тоа нема да допринесе за европскиот проект ниту за еден сантиметар“, истакнува Поснер.

Во сите официјални изјави се истакнува дека Европа треба да пружи повеќе благосостојба, сигурност и работни места. Но проблемите на Европа не се од материјална природа, туку во фактот што голем број нејзини граѓани ја изгубија довербата и не се веќе лојални. Тоа не може да се надмине со ветувања.

„Слоганот „Повеќе Европа“ веќе не е одговор. На континентот му требаат повеќе Европјани“, пишува Поснер.

„Пред се, мора да се признае дека глобализацијата, либералниот капитализам и демократската држава се соочени со криза на легитимитетот и дека „нелибералните демократии“, како таа на Виктир Орбан, победуваат. Во основа, успехот на Движењето пет ѕвезди во Италија, како и на левите и десните националисти во делови на Европа, не е резултат на недостаток на благосостојба или превисока стапка на имиграција, туку е последица на вишок бирократија и недостаток на иновации“, пишува весникот.

Може ли да се очекува од елитата во Брисел да се спушти меѓу луѓето? Тешко, и тоа од едноставна причина која Поснер не ја разбира. Имено, оној момент кога политичарите ќе се спуштат меѓу луѓето, тие стануваат „популисти“, зашто со нив разговараат за нивните проблеми, стравови и им нудат решенија. По нивното враќање во парламентот или министерските фотељи, луѓето лесно забележуваат кој од политичарите ги чул и кој се бори за нивните интереси, а кој бил само на излет меѓу обичните луѓе за да собере некој политички поен. За жал, според Поснер, ЕУ е болна и тоа до степен кога веќе нема лек,а  дали Италија ќе биде последната земја која ќе фрли земја врз нејзиниот ковчег, за Поснер не е ни важно.За него е битно дека ЕУ, ваква каква што е, не може да преживее.