Речиси секој наставник во Македонија користи дигитални алатки во наставата, покажува истражување во рамки на проект за дигитализација на образованието спроведено во периодот од 6 до 30 мај 2020 година помеѓу наставниот кадар во основните училишта на територија на општините Валандово и Карпош.
Од вкупно 250 анкетирани наставници во основните училишта, 237 или 95 отсто се изјасниле дека користат дигитални алатки за време на наставата. Тринаесет наставници посочиле дека ваквите онлајн-содржини и помагала воопшто не ги користат во спроведувањето на воспитно-образовниот процес.
Истражувањето е спроведено од Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност, а во рамки на Проектот за дигитализација на образованието кој делумно е финансиски поддржан од Македонско-американската алумни асоцијација (МААА).
Кордалов вели дека и претходно, а особено по појавата на пандемијата предизвикана од коронавирусот, било јасно дека спроведувањето на одржлива и ефикасна дигитализација во образованието е една од најважните приоритети на целокупното општество.
– Првичните резултати од ова истражување јасно ја покажуваат подготвеноста на наставниот кадар за дигитална трансформација на образованието, што е за поздравување и од голем интерес за учениците и целиот образовен процес. Но, останува малку време до почетокот на новата учебна година. Доколку сакаме вистинска дигитална трансформација на образованието, неопходно е надлежните државни институции, како и локалните самоуправи да ги вложат сите свои напори и да бидат вистинска поддршка на училиштата и факултетите во претстојниот период, истакна Кордалов.
Анализата, исто така, покажува и дека според мислењето на поголемиот број наставници не постои стручно лице кое им стои на располагање и им помага доколку имаат потреба од правилно вклучување на дигиталните алатки во наставата. Дека има такво стручно лице се изјасниле 113 или 45 отсто од наставниците, додека 137 или 55 проценти истакнале дека во нивното училиште не постои стручно лице кое им нуди поддршка во процесот на воведување дигитални алатки во образованието.
Од 250-те анкетирани наставници, 130 посочиле дека „не се согласуваат“ или „воопшто не се согласуваат“ дека имаат поминато соодветна обука за стекнување дигитални вештини. Нешто помал е бројот, односно 120 анкетирани наставници, кои посочиле дека „се согласуваат“ или „сосема се согласуваат“ дека имаат поминато соодветна обука за стекнување лични дигитални вештини кои се потребни за наставата.
Според авторот на истражувањето, важно е да се истакне и дека висок процент (75 %) од наставниците вклучени во ова истражување сметаат дека со воведувањето дигитални технологии во наставата ќе се олесни совладувањето на наставниот материјал од страна на учениците.
На прашањето, пак, „Дали за време на часовите, на учениците им дозволувате да користат мобилен телефон или други лични дигитални уреди“, најголем дел од наставниците односно 71 % одговориле дека не дозволуваат користење лични дигитални уреди за време на наставата. Седумдесет и тројца од 250-те анкетирани наставници или 29 проценти одговориле потврдно, односно посочиле дека дозволуваат користење мобилни телефони и други лични дигитални уреди на учениците за време на одвивањето на наставниот процес.
– Главната цел на ова истражување и спроведувањето на Проектот за дигитализација на образованието во оваа фаза е утврдување на капацитетите на општинските основни училишта за користење дигитални алатки, како и давање директен придонес и поддршка за училиштата со цел спроведување ефикасна и одржлива дигитализација на воспитно-образовниот процес и приспособување на условите за учење наметнати од пандемијата предизвикана од Ковид-19, наведува Кордалов.
Резултатите добиени од истражувањето се користат за сумирање и анализа со цел претставување на трендот и степенот на дигитализација во образованието. Тие ќе бидат публикувани и промовирани во насока на констатирање на актуелната состојба со дигитализацијата во основното образование, како и давање конкретни предлози и мерки за преземање следни активности на овој план на територијата на целата држава.