Знам дека сите странци веднаш ќе ги спомнат ќебапчињата и скарата или познатото гравче во тавче, но за мене нема ништо поубаво од спојот на краставици, домати и сирење – шопска салата. Првпат во животот вкусувам нешто толку едноставно, а толку совршено – вели Американката Шарлин, која веќе два месеци заедно со сопругот Хари престојува во Скопје пред да продолжат кон следната авантура.

Тие се дел од она што светот денес го нарекува дигитални номади и експати – луѓе што работат онлајн, слободни да го изберат местото од каде што ќе го отворат лаптопот наутро. Некои остануваат со месеци на едно место градејќи навики и пријателства со локалното население. Други се движат постојано, без фиксна адреса, барајќи ги следниот добар вај-фај сигнал и следната ниска кирија. Заедничко им е едно: Скопје, барем за одреден период, им станува дом.
Град што тивко се исцртува на мапата
Помалку познати од Шпанија или Тајланд, главните градови на Југоисточна Европа постепено влегуваат на листата на овие модерни номади. Во Тирана, Белград, Сараево и во Скопје веќе ги има илјадници – програмери, претприемачи и веб-дизајнери, кои ја користат тримесечната безвизна можност пред да заминат понатаму.

Покрај ниските цени и богатото културно наследство, Скопје има и други адути во неформалната конкуренција со балканските соседи: живописен ноќен живот, млади што зборуваат англиски и гостопримство по кое се познати. Но вистинско преминување од теорија во пракса донесоа евтините летови – со поврзаност до над 40 дестинации преку нискобуџетските авиокомпании патувањето до Скопје престана да биде комплицирано и скапо, а границата помеѓу „сакам да одам“ и „купив билет“ практично исчезна.
Луѓето што дојдоа по тој пат, сепак, не се еден профил. Дигитален номад е лице што работи онлајн од разни локации по сопствен избор; локациски независен работник е поширок поим, кој не подразбира постојано патување; номад, пак, е едноставно лице без фиксна адреса, при што работата воопшто не е дел од дефиницијата. Постојат и сериски експати, кои остануваат по една-две година пред да продолжат понатаму, и класични експати, трајно населени на една локација. Во Скопје сите тие категории се мешаат секојдневно – некој доаѓа за работа, друг за авантура, трет од љубопитност или заштеда – и ретко кој од нив се чувствува како обичен турист.
Скопје како нова балканска база
Иако, според одредени процени, вообичаено престојуваат по неколку стотини дигитални номади во Скопје, нови простори за заедничко работење (т.н. коворкинг-простори) постојано се отвораат.
Во еден таков простор во центарот на градот, познат како „Јавна соба“ („Паблик рум“), секојдневно седи 30-годишниот Ларс Нилсон од Шведска. Работи од далечина за голема меѓународна компанија, а неговиот екран е отворен покрај чаша кафе што одамна е испиено. Зборува „расипан“, но трогателен македонски јазик – научен во паузите помеѓу состаноците и прошетките низ градот.
– Кога рече бабата моја има потекло од Македонија, јас сакав дојдам тука и видам од каде сум – вели Ларс, кој се обидува да се поврзе со своите корени – преку запознавање со убавините на земјата и со учење на јазикот и традициите. Она што почнало како љубопитност за семејното потекло, прераснало во навика што се повторува. Но тука доаѓа и делот што, според него, сè променил.
– Сè се смени кога почнаа да функционираат евтините летови на „Визер“ – вели тој. – За една година дојдов во Скопје трипати и секогаш седам тука најмалку еден месец. Може да се најде навистина убаво, комфорно сместување за малку пари. Сè додека работата ми го овозможува тоа, ќе доаѓам во Скопје, бидејќи овој град знае како бргу да ми ги наполни батериите. Дали е во прашање моето потекло или силната енергија на градот, навистина не знам – вели тој додека го разгледува менито и размислува што да се јаде денеска.

На тој променлив бран луѓе секојдневно сведочи и Тамара Георгиевска, маркетинг-директорка и координаторка на културната и на детската програма во „Јавна соба“.
– Бесплатниот коворкинг-простор во „Јавна соба“, кој се отвори во октомври 2015 година, првин беше препознаен од Македонци што имаат живеено и студирано надвор, а набргу почнаа да го посетуваат и странци. Предности на нашиот простор во однос на конкуренцијата се тоа што кај нас не се плаќа за користење маса, односно биро, атмосферата е опуштена и неформална, а исто така се лесно достапни кафе и оброци во ресторанскиот дел за време на работниот ден. Вложуваме во опрема за брз и стабилен интернет за непречено работење, кој е многу повеќе од „имаме бесплатен вај-фај“ во другите кафулиња, и насекаде во просторот се поставени приклучоци за полнење на лаптопите – раскажува Георгиевска.
Таа додава дека со воведувањето на новите авионски линии до Шпанија и Италија голем број од странските гости доаѓаат токму од таму. – Но нѐ посетуваат дигитални номади или луѓе што работат надвор од своите канцеларии, кои доаѓаат и од многу други земји, како Кина, Шведска, Англија, Америка, Холандија, Германија итн. Сметам дека она што им се допаѓа се атмосферата, што нудиме храна и пијалаци, па нивното набавување не им одзема од работното време, тоа што интернетот е одличен, што може да се запознаат со луѓе слични на нив и по завршувањето на работните обврски, да останат на некој концерт, стендап, изложба или што и да им звучи интересно. За некои од нив, кои остануваат подолго и сакаат да ги споделат своето знаење и искуство, им организираме и работилници и предавања во нашите простории за настани – вели Георгиевска.
За правилото 90/180 и слободата
Во друг агол на градот, во просторот познат како „Лабораториум“ (поранешна „Рагуза“, или за оние што помнат од поодамна – поранешен „Јукан“), атмосферата е пријателска и креативна. Таму го затекнавме Оливер од Канада токму додека го затвораше својот лаптоп – знак дека работниот ден завршил. Не беше особено расположен за долг разговор, но одвои неколку минути да ни каже зошто токму Скопје.

– Како жител на Канада, кој нема постојан престој во земјите од шенген-зоната, морам да излезам од таа зона на секои деведесет дена за да го ресетирам бројачот – објаснува тој. Тоа е правилото 90/180 што важи за граѓани на земји надвор од шенген-просторот – по 90 дена поминати во рамките на 180-дневен период, мора физички да се напушти зоната.
Според него, Скопје во последните години секогаш е на врвот на листите на дигиталните номади, особено затоа што е евтино. – Има одличен интернет, а воедно е и главен град, што значи има организиран градски транспорт, солидна здравствена нега и сите погодности што ги бара модерното време – вели Оливер.
За Искра Илиеска, која е менаџерка за социјални мрежи и организаторка на дел од програмата во културно-едукативниот центар „Лабораториум“ во Скопје, зад тие математички правила на шенген стојат конкретни лица што секојдневно го менуваат ликот на просторот.
– Странците, освен што добиваат работен простор со добар интернет, тука добиваат и атмосфера што ја нема на друго место. Просторот е со мебел и килими, со цел да изгледа како дневна соба, и малку се разликува од класично кафуле. Имаме самопослужување на барот, па луѓето, кога имаат време, одат сами да си нарачаат кафе, сами да си ја подигнат пијачката, па потоа да си ги вратат чашите – и со тоа имаат поголема слобода – како дома. Многумина доаѓаат и поради работното време, со оглед на тоа дека работиме до 1 часот по полноќ. Некои од нив работат попладне, а потоа остануваат и за културната програма навечер. Има случаи и некој да земе гитара и, едноставно, да се приклучи на сцената. Многу од странците што доаѓаат да работат тука прават пауза со пинг-понг и се запознаваат преку тоа или со карти и друштвени игри. Навистина има простор и за работа и за забава и имаат широки опции – појаснува Искра.

На прашањето што ги тера да се вратат, Искра без размислување одговара – слободата. – Кај нас, според мене, најголемиот впечаток што го понесуваат се токму слободата и можноста за запознавање други луѓе. На пример, ќе дојдат да играат го со Јапонец што е ментор и ќе останат вечерта на музика. Гледаме дека им се допаѓа токму тоа што има и разновидна интернационална култура, така што кај нас конкретно ги привлекуваат слободата и отвореноста на луѓето. Значи, кога ќе седнеш тука, не е само „ова е мојата маса, јас ќе седам тука неколку часа и ќе си одам“. Напротив – „јас ќе придонесам, ќе разговарам со луѓето, ќе учествувам во некаква работилница“. Мислам дека тоа ги влече. А им се допаѓа тоа што тука можеш со часови да седиш со едно кафе или пијалак, што верувам дека не е случај во многу западноевропски земји – додава Илиеска.
Гостопримство на секој чекор и врати што се отклучуваат со македонски зборови
Не сите номади доаѓаат во Скопје за да работат. Некои доаѓаат и за да уживаат. – Скап ми е животот во Берлин, особено последниве години. Мојата најдобра пријателка од детството, која исто така е вдовица, ми предложи да одиме на некое поевтино место за да заштедиме пари за остатокот од годината во Берлин. Се одлучивме за Балканот. Лани бевме три месеци во Тирана и навистина уживавме таму. Годинава го избравме Скопје за да го минеме летото и не погрешивме. Апсолутно се вљубивме во храната, што се гледа и по мене – вели Ела смеејќи се и притоа цврсто го тресе „спасувачкиот појас“ на стомакот.
Иако не сакаше да биде фотографирана, беше љубезна да одвои за нас неколку минути кога се сретнавме пред пазарчето „Буњаковец“. – Секој ден одиме на вечера во некој од рестораните на „Боемска“. Решени сме, додека сме тука, да пробаме сè од нивните менија. И по секоја вечера, имам нов фаворит за мое омилено јадење. Ми се допаѓа што целата македонска кујна главно се заснова на месо и салати. Мојата пријателка не сака домати бидејќи не го поднесува нивниот вкус сè додека не пробавме салата од домати во Скопје. Таа е воодушевена. Вели: „Никогаш не сум знаела дека доматот може да има ваков вкус, па ниту мирис и боја“. Еве и сега на пазарот дојдов за да купам домати. Се надевам ќе ги погодам – објаснува Ела.
Таа раскажа дека единствено што ѝ пречи во Скопје се горештината и тоа што многу луѓе пушат цигари (тоа е една од главните забелешки на повеќето странци – велат сè смрди на цигари!). – Но тоа е ништо во однос на убавите работи. Мислам дека, освен природните убавини и храната – најголем плус за Скопје се неговите жители. Понекогаш е тешко да се пробие нивниот оклоп, но кога ќе се успее – ќе добиете пријатели за цел живот! Мал совет за странците: пред да дојдете тука, вложете труд и научете неколку македонски збора. Научете да кажете „добар ден“, „благодарам“ и „пријатно“ и ќе видите колку Македонците ќе го ценат тоа. Со кого и да сум зборувала, во моментот кога ќе кажам некој збор на македонски – како да се отклучуваат некои невидливи врати. Имаме прекрасно искуство со луѓето овде. Отворени, топли, насмеани, подготвени да помогнат во секоја ситуација. Имам безброј примери за овие два месеци во Скопје. Еве последно што ме воодушеви пред некој ден: се враќав од пазарчето и малку претерав со купувањето, па на крајот излегов со повеќе кеси отколку што можев да носам. Не сум далеку од тука, ама беше многу жешко. И додека ги спуштив кесите за да размислам што да правам, дојдоа две млади момчиња – околу 15 години – и се понудија да ми ги однесат торбите до дома. Очите ми се насолзија од благодарност – вели пензионираната наставничка по англиски јазик и бргу додава како искусна скопјанка: – Сега мора да одам додека не ме фатило жешкото.

Визи, категории и една врата што сè уште не е отворена
Иако Скопје привлекува сè повеќе луѓе што работат на далечина, официјална виза за дигитални номади сè уште не постои во Македонија. Странците мора да се вклопат во постојните рамки – краткорочни А и Ц-визи, долгорочни Д-визи по одобрен привремен престој, или дозволи за престој по Законот за странците. Тоа е разликата во однос на некои од земјите во шенген-зоната, кои веќе имаат наменски програми: Хрватска нуди виза за фриленсери со важност до една година и даночни олеснувања, Естонија Ц-виза до 90 дена или Д-виза до една година, а Чешка специјална деловна виза за самовработени лица.
Гласот на градот: Скопје се подготвува
Од Град Скопје добивме одговор, кој покажува дека темата веќе е дел од стратешките размислувања на локалната власт. – Градот интензивно ја разгледува можноста дигиталните номади да претставуваат значаен сегмент за развојот на туризмот и локалната економија, а во идните стратешки документи се планираат конкретни активности за промоција на Скопје како дестинација за оваа категорија патници – преку таргетирани домашни и меѓународни кампањи – се наведува во изјавата за МИА од Град Скопје.
– Една од можните насоки е развивање на концептот преку таргетирани домашни и меѓународни дигитални кампањи, со кои Скопје би се претставил како атрактивна дестинација за дигитални номади, фриленсери, remote workers и други професионалци што работат на далечина. Планираните активности би биле тесно поврзани и со „Скопје – европска престолнина на културата 2028“, што претставува значајна можност за дополнително меѓународно позиционирање на градот и привлекување нови категории посетители. Во оваа насока концептот би можел да придонесе кон продолжување на престојот на странските посетители, зголемување на потрошувачката во локалната економија и создавање дополнителна туристичка понуда – велат од Градот.
Со други зборови – формална виза сè уште нема, но идејата дека дигиталните номади не се само патници на поминување, туку потенцијален економски ресурс, веќе седи на масата на градските планери.
Балканот без предрасуди
Дијан, скопјанка што со години организира забави и настани за странската заедница во градот, го гледа овој прилив од блиска перспектива, речиси секојдневно.
„Има вистински бум на пристигнување дигитални номади. Тие го откриваат Балканот бидејќи порано регионот секогаш се поврзуваше со војни. Сега сфатија дека Балканот е одлично место за живеење, патување и уживање во животот. И што е најважно – многу попристапно од северноевропските земји, каде што порано одеа“, вели Дијан.
Таа, иако во моментот е експат во Истанбул, Турција, е администраторка на групата Expats Meet Up – Skopje на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Вотсап“. Таму се договараат за редовните неделни средби, за посета на некој концерт или посета на друг дел од Македонија.

Инаку, токму тој имиџ – Балканот како регион обременет со минато – е нешто што полека исчезнува во разговорите со странците. Мачиек, ИТ-специјалист од Полска во четириесеттите години, седи со локално пиво пред себе уживајќи на сонцето во Скопје. „Пред да дојдам во Македонија, единствено го знаев името на главниот град“, се насмевнува тој. „Навистина е пријатна земја за живеење – луѓето се пријателски, има многу убави работи за гледање. Го открив Охрид, град под заштита на УНЕСКО – величествен е“.
„Она што особено ми се допаѓа во Скопје и воопшто во Македонија е тоа што е модерен град, но не е премногу регулиран – во смисла да има строги правила за сè и сешто. Тука луѓето сè уште имаат слобода – изјави Керол Линт (52) од Канада за МИА, која е веќе еден месец со семејството во Скопје и размислува во целост да се пресели во македонската престолнина. „Пред две години соседите викнаа социјална служба бидејќи нашиот 10-годишен син возеше велосипед без надзор на игралиштетото пред нашата куќа. Овде децата се деца – како ние во 80-тите“ – напиша Керол во пораките што ги разменивме на „Месинџер“.
Шарлин и Хари: Искуството со скопските болници, храна и таксисти
Меѓу сите соговорници, брачната двојка Шарлин (госпоѓата од почетокот на приказната) и Хари Торес имаат можеби најнеобична приказна – тие живеат целосно на пат, а своето патување го документираат преку јутјуб-каналот 2TravelWithoutOrders.

– Ние сме Шарлин, која потекнува од Нов Зеланд, и Хари, од САД. Продадовме сè што имавме во Остин, Тексас, и сега патуваме со бавно темпо споделувајќи го нашето патешествие на социјалните мрежи и прикажувајќи достапни дестинации, рана пензија, живот како експати и реалната цена на постојано патување. Управуваме со јутјуб-канал без традиционален дом.
Одлуката да продадат сè и да тргнат на пат не дошла од бегство од секојдневието, туку од сосема поинаква, животна причина. – Кога Шарлин беше дијагностицирана со Паркинсонова болест, заедно со операција за длабока мозочна стимулација (DBS), одлучив да ја напуштам корпоративната работа во ИМБ и да продадеме сè. Првично размислувавме да се преселиме во Португалија, но решивме да станеме ‘роаминг-номади’ низ светот – изјави Хари за МИА.
Скопје не бил на нивната првобитна агенда. „Во 2024 бевме во Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Хрватска, но Македонија не беше на нашата агенда. Па решивме – зошто да не ја провериме? Освен тоа, Шарлин имаше потреба од медицинска и стоматолошка грижа, а слушнавме дека услугите тука се одлични. Решивме да останеме два месеци – првиот месец за нејзините прегледи, вториот за разгледување. Посебна благодарност до персоналот на болницата и до стоматолошкиот центар – велат тие.
Кога ги замоливме да го опишат Скопје за некој што размислува да дојде овде, одговорот дојде без двоумење: „Скопје ни покажа дека достапна европска дестинација не мора да значи жртвување искуства. За нас, привлечноста не беше само тоа што Македонија е евтина, туку тоа што парите ни овозможија да уживаме во дестинацијата. Тоа е токму она што го бараме како патници што патуваат бавно. Сакавме да останеме доволно долго за да го надминеме туристичкото искуство – да воспоставиме рутини, да откриеме маала, да запознаеме луѓе, да пробаме локална храна и да почувствуваме како изгледа секојдневниот живот. Скопје ни ја даде таа можност“.
Не сè било идеално. – За жал, бевме измамени на едно возење со такси – наместо 250 денари, платив 2.500 денари за истата релација. Но сите други таксисти беа љубезни и фер. Одбиваме едно лошо искуство да ни ги одземе неверојатната добрина и пријателство на луѓето во овој град. Луѓето во Скопје се неверојатни! – рече Хари.
За Скопје велат: многу помалку туристички – за разлика од Рим, Барселона, Лисабон или популарни балкански дестинации, Скопје не е преплавено со туристи. Парите имаат поголема вредност. Фасцинантна мешавина од старо и ново. Одлична локација за истражување на Балканот. Повеќе е место за живеење отколку само за посета“.
Храната и локалната атмосфера ги освоиле веднаш. „Ја обожаваме! Ќебапчиња и шопска салата ни се омилени, а лебот и печивата се одлични – велат тие.
За безбедноста, немаат резерви: „Никогаш не беше проблем. Шетавме речиси насекаде и никогаш не се чувствувавме загрозено. Многу безбеден град“. И транспортот бил лесен: „Такси-услугите беа одлични, автобускиот систем лесен. Убаво беше да видиме мажи што им отстапуваат место на жени – овде витештвото не е мртво“.
– За жал, жичницата до Милениумскиот крст беше затворена, но сите три музеи беа многу информативни, ги посетивме црквите и џамиите и, секако, Камениот мост, фонтаните и мостовите со статус – сите беа прилично уникатни. Единственото нешто што немавме можност да видиме беше акведуктот. Ќе мора да го направиме тоа и да одиме до Крстот при нашата следна посета! – раскажува за МИА американската двојка.

А на прашањето што најмногу ги изненадило во градот, одговорот е кус, но јасен: „Луѓето. Топли, пријателски, услужливи. Иако само посетители, често се чувствувавме како дома. Таа добрина многу придонесе за нашето искуство“. И на крајот, за темпото на живеење: „Побавно, но подобро. А храната е многу посвежа отколку во САД – нема толку пестициди“.
Ниски трошоци за живот и одличен интернет: реалната математика за престој
Зад секоја од овие индивидуални приказни стои еден поширок систем на предности што прави Скопје да функционира како реален избор, а не само романтична идеја. Земјата има солидна интернет-инфраструктура – 4Г е широко распространет, 5Г почнува да се појавува, а многу кафулиња, јавни простори и коворкинг-локации нудат сигурен вај-фај. Просечните месечни трошоци за живот во Македонија се движат околу 570 долари според меѓународни анализи за номадски дестинации, со NomadIQ резултат од 7,9 од 10 – цифра што ја става земјата високо на листата на достапни алтернативи на поскапите европски дестинации. Пар може удобно да живее со приближно 1.500 евра месечно, а самец со 600-1.000 евра – трошоци што се 45-50 отсто пониски од оние во Западна Европа.
Коворкинг-просторите, како „Јавна соба“ и „Лабораториум“ во Скопје, но и слични простори во Охрид и Битола, нудат современа опрема и жива заедница, каде што странците лесно се поврзуваат едни со други. „Никогаш не замислував дека можам да работам гледајќи кон Охридското Езеро, со интернет стабилен како во Берлин“, споделува една француска фриленсерка, која минала дел од своето патување во земјата. „Што ми се допаѓа овде? Киријата е ниска, но најмногу атмосферата во кафе-коворкинг просторите, каде што лесно запознавам други фриленсери“, додава хрватски програмер, кој работи од Скопје.
Она што не им се допаѓа
Ниеден разговор не би бил искрен без делот што боли. Речиси секој странец со кого разговаравме во еден момент ја спомнува истата забелешка: пушењето. Иако технички не е дозволено во затворени простории, правилата често се заобиколуваат, а социјалните настани честопати завршуваат порано отколку што странските гости би сакале, едноставно затоа што не може да издржат изложеност на пасивен чад.
Освен тоа, отсуството на селекција за отпад – сепарирано собирање за рециклирање – останува чест коментар кај оние навикнати на построги системи во своите земји. Но и покрај овие забелешки, никој од соговорниците не ја доведе во прашање главната пресметка: она што градот го нуди во замена е далеку поголемо од она што му недостига.
Скопје како приказна во движење
Она што ги поврзува искуствата на сите странци со кои разговаравме не е некоја туристичка атракција или некаква статистика. Тоа е чувството дека Скопје, парадоксално, нуди истовремено брзина и мир – главен град со сите практични погодности, но со ритам во кој сепак има простор да се седне на кафе, да се земе здив од работното секојдневие и, едноставно, да се ужива во набљудувањето на случајните минувачи.

Со плановите на градската управа за позиционирање на Скопје како дестинација за дигитални номади, поврзани и со подготовките за „Скопје – европска престолнина на културата 2028“, изгледа дека она што досега се случуваше стихијно – преку раскажување од уста на уста, форуми посветени на евтини дестинации и евтини авионски билети – набргу може да добие и официјална, стратешка рамка. Дотогаш приказната продолжува да се пишува секојдневно во коворкинг-просторите, на пазарчињата и на масите каде што некој странец првпат во животот открива колку вкус може да има еден домат.
Сања КОСТОВСКА за МИА




