Една недела по катастрофалниот самит на Г7 во Канада, европски претставници анонимно брифирале што зборувал американскиот претседател Доналд Трамп зад сцената, од што може да се види неговиот директен стил на комуникација.

Според „Вол стрит џоурнал“, чиј новинар зборувал со висок европски извор, Трамп бил свесен за својата изолација, и во еден момент кога се согласил за некое прашање со премиерот на Јапонија, Шинзо Абе – американскиот претседател се пошегувал: „Ох, добро, тогаш сме пет наспроти два“.

Но, Трамп погледите за светските прашања ги споделил и со сојузниците и со противниците за време на дводнениот самит.

„Шинзо ти немаш проблем, но јас можам да ти испратам 25 милиони Мексикаци и ти наскоро ќе леташ од канцеларијата“, му рекол Трамп на Абе за сликовито да прикаже со каква битка е соочен по прашањето за илегалната миграција.

Во дебата за теоризмот и Иран, претседателот на САД му се свртел на францускиот колега Емануел Макрон и рекол, „мора да знаеш за тоа, Емануел, зашто сите терористи се во Париз“.

Претходно, според медиумите, Трамп за Жан Клод Јункер рекол дека е „брутален убиец“, во однос на антикорпоративната кампања која тој ја води против американски компании.