Константин Георгиески, кандидатот на СДСМ и официјално ќе биде новиот градоначалник на Охрид, тоа го потврдуваат официјалните резултати објавени од Државната изборна комисија.
Податоците на ДИК покажуваат дека Георгиески на вчера одржаниот втор круг од предвремените избори за градоначалник, ја добил поддршката од 16.523 граѓани на Охрид или 54,6 отсто од гласовите на граѓаните, односно 3.855 гласа повеќе од неговиот противкандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Митре Милошевски за кого гласале 12.668 лица или 41,68 отсто од граѓаните што вчера излегле на избори.
Георгиески уште синоќа заедно со неговите поддржувачи и сопартијци ја прослави победата, со собир што почна во неговиот изборен штаб, а заврши доцна вечерта на Градскиот плоштад. Георгиески во обраќањето пред граѓаните на Охрид им се заблагодари на поддршката и најави дека веднаш ќе почне со работните обврски за да ги реализира проектите и ветувањата што ги даде во текот на предизборната кампања.
Константин Георгиески е роден во Охрид на 9 октомври 1977 година. Со основно образование се стекнал во ОУ „Григор Прличев“, а средно училиште завршил во охридската гимназија „Свети Климент Охридски“. Дипломира на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиj” во Скопје во 2003 година, а во 2009 година на истиот факултет завршува специјализација по интерна медицина. Своето прво работно искуство го стекнува во Специјалнатa болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо” во Охрид, а од 2007 година е управител на Приватната здравствена установа „Дарон“ во Охрид со дваесеттина вработени.
Тој беше носител на советничката листа на СДСМ на последните Локални избори одржани во 2017 година, а по победата беше координатор на мнозинската советничка група во општинскиот совет и заменик-градоначалник на Охрид. По ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски во декември минатата година, Советот на општина Охрид го избра за вршител на должноста градоначалник на општина Охрид. Тој е оженет и татко на две деца.