Без македонството, Македонија е само форма без суштина. Оставете ги настрана меѓусебните обвинувања, бидејќи така нема да успееме, порачува патриотот Јане Ченто, по завршувањето на претседателските избори.

– Не обвинувајте се тие што гласавте и тие што бојкотиравте. Денеска СДСМ освои 280.000 гласови, а ДУИ, ДПА, Алтернатива, Алијанса на Албанците, Беса и Амди Бајрам му донесоа околу 150.000 гласови на Стево Пендаровски. Тоа е фактичката состојба и тие се свесни за тоа. Затоа браќа и сестри, нашата цел е рушење на оваа власт, а сплотени сите што сме против оваа власт сме на добар пат тоа да го направиме за многу брзо време. Да се сплотиме околу националните и државните интереси на Република Македонија и да продолжиме со борбата. Затоа што само сплотени ќе успееме да си ја вратиме Република Македонија и со тоа да го изодиме патот на слободата и правдата. Ќе угрее за брзо сонцето на слободата бидете убедени. Впрочем, запрашајте се, кога запрела борбата за Македонија?! Да живее Република Македонија!- порачува Јане Ченто во објавата на Фејсбук.

И патриотот Игор Дурловски, кој како и Јане Ченто, беше суден за „тероризам“, во објавата на Фејсбук порачува да престанат делбите меѓу Македонците, затоа што со тоа и се прави услуга на власта на СДСМ.

– Денес над северна… едните се радуваат, а другите повторно се јадат меѓу себе. Добар апетит, гласи ироничната порака од Дурловски.

Инаку на социјалните мрежи и пред претседателските избори, и во текот на изборите, како и вечерва по соопштувањето на резултатите, се води остра полемика и не ретко со меѓусебни навреди, на „гласачите“ и „бојкотирачите“. Тоа Македонија не ја води на добар пат, напротив, затоа што целта и на едните и на другите им е иста, само изборот на патиштата им се разликува.

Токму затоа, обединувачките пораки од Дурловски и Ченто, треба да бидат прифатени од двете страни да престанат поделбите на македонското ткиво.