Новиот претседател на Македонија ќе се избира во вториот круг, бидејќи ниту еден од тројцата кандидати на вчерашното гласање не освои мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови.
Според првичните неофицијални податоци од Државната изборна комисија (ДИК) од обработени 99,96 отсто од гласовите, води претседателскиот кандидат на СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски со 42,85 отсто, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова со 42,24 отсто, а трет е кандидатот поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река со освоени 10,57 отсто од гласовите. За Пендаровски гласале 323.846 граѓани, за Силјановска Давкова 319.240, а за Река 79.915 граѓани. Неважечки се 32.828 ливчиња. Одѕивот во првиот круг на Претседателските избори изнесува 41,82 отсто или на гласање излегле 755.816 граѓани.
Вториот круг на гласањето ќе се одржи на 5 мај, а во него ќе се соочат двајцата првопласирани на вчерашните избори, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова. За некој од двајцата кандидати да ја добие функцијата претседател на државата неопходно ќе биде на гласање да излезат најмалку 40 отсто од вкупно 1.808.131 избирач кои се запишани во избирачкиот список, односно 723.253 гласачи. Доколку се исполни цензусот ќе победи тој што ќе добие повеќе гласови. Во спротивно ќе треба да се прогласат нови претседателски избори.
Кандидатот Пендаровски по завршувањето на изборниот процес порача дека секој треба да учествува во позитивните промени.
-Концептот заедно ќе победи во вториот круг од претседателските избори на 5 мај. Јасно е, мнозинството граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Власи, Роми, други… се изјаснија дека сакаат Напред. Тоа е другиот дел од успешниот концепт за сите нас и за нашата држава. Подавам рака кон сите. Ќе бидам европски претседател на сите граѓани, во европска Република Северна Македонија, рече Пендаровски.
Денешното гласање, оцени, помина во демократски дух. Очекувам така и да продолжиме и на 5 мај да ги финишираме овие избори.
Неговиот противкандидат во вториот круг Силјановска Давкова посочи дека легитимитетот на власта извира од народот, а оваа власт, како што кажа, го потроши за 2,5 години и затоа се неопходни предвремени парламентарни избори.
– Не сум човек кој посакува или потонува во триумфализам. Знам дека допрва следи битката, но мислам ако ние добивме олкав број на гласови иако на нив ги додадеме оние на господинот Блерим Река како независен кандидат поддржан од две партии, приказната е јасна. Обајцата ние зборувавме за владеење на правото, за правна држава, за крај на корупцијата и криминалот. Приказната е демократска и приказната е европска. И само со таква приказна ние може да добиеме почеток на преговори, и само со реализација на таквата приказна ние можеме да добиеме почеток на преговори, да зачекориме кон ЕУ, во спротивно ќе останеме закопани во транзицијата, рече Силјановска.
Кандидатот Река изборите ги оцени како фер, слободни и демократски, а нагласи дека нема доволна излезеност поради неажурираниот избирачки список кој брои околу 1,8 милиони гласачи иако, како што кажа, од земјава се иселени повеќе од 250.000 лица и реалниот број на гласачи е околу 1,5 милиони.
-Резултатот на изборите ги надмина нашите очекувања. Во сите општини со доминантно албанско гласање победив со размер од 3:1, а освоив гласови и во сите општини каде има македонско мнозинство. Нема општина со македонско мнозинство гласачи каде што не добив гласови. Освоените гласови ја делегитимираат политиката на албанските партии кои се во власта и покажаа со кого и за кого е народот. Тоа најавува политичка пролет во Македонија која ќе се цементира во идните предвремени парламентарни избори, потенцира Река.