Рокот за поднесување кандидатски листи до Државната изборна комисија (ДИК) за закажаните предвремени парламентари избори за 12 април завршува вечерва на полноќ. Кампањата за изборите треба да започне на 23 март, но како ќе се одвива изборниот процес во следниот период ќе зависи од одлуките на техничката Влада за спроведување на изборите, имајќи ги предвид околностите и мерките преземени поради сппречувањето на ширењето на корона вирусот во земјата и во светот.
Исход за натамошниот тек на изборниот процес се очекува и од денешната средба на премиерот Оливер Спасовски со лидерите на политичките партии.
Од овие одлуки, како што велат од ДИК, ќе зависи и нивната натамошна работа. Тие продолжуваат со активностите за организација и реализација на изборите, прилагодувајќи се на укажувањата од Владата и Министерството за здравство. Па така вчера веќе се одложени едукациите на избирачките одбори, а ќе бидат заменети медицинските лица кои се членови во ОИК и ИО.
Три партии доставиле кандидатски листи на еден пред завршување на рокот
Имајќи го предвид рокот за доставување кандидатски листи до вчера до ДИК свои листи доставиле три политички партии и тоа Работничката партија за шест изборни единици, ГДУ за пет изборни единици и Глас за Македонија за пет изборни единици.
Државната изборна комисија (ДИК) до вечер на полноќ во своите канцеларии ќе ги прима кандидатските листи кои потоа ќе подлежат на проверка, по што тие треба да се потврдат.
Како што веќе објавија, најголемите политички партии и коалиции свои кандидатски листи ќе имаат во сите шест изборни единици.
ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ синоќа во Македонската филхармонија на конвенција ги претставија кандидатите за пратеници на предвремените парламентарни избори. Носител листата во Изборната единица еден на оваа коалиција ќе биде професорката Гордана Силјановска, во двојката Владо Мисајловски, во тројката Игор Јанушев, во четвртата Изборна единица Александар Николовски, во петата Изборна единица оперскиот пејач Игор Дурловски и во Шестата Дафина Стојановска.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски во своето обраќање при претставуваето на листите кажа дека 95 отсто од кандидатите на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се нови лица.
Претходно во понеделникот кандидатите за пратеници ги претстави и СДСМ, која е во коалиција со Беса, а синоќа беше претставена комплетната коалиција „Можеме“.
Носител на листата на СДСМ и коалицијата во Првата изборна единица ќе биде актуелниот министер за надворешни работо Никола Димитров, во Втората изборна единица техничкиот премиер Оливер Спасовски во втората, партискиот генерален секретар Љупчо Николовски во третата, во Изборната единица четири носител ќе биде лидерот на СДСМ Зоран Заев, петката ќе ја предводи вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, а носител во Шестата изборна единица ќе биде лидерот на БЕСА Билал Касами. Карактеристично за овие листи е тоа што е запазено правилото половината од кандидатите да бидат жени.
ДУИ минатата недела ги соопшти носителите на листите. Претседателот на партијата Али Ахмети ќе биде носител во Шестата изборна единица, собранискиот спикер Талат Џафери во Петата изборна единица, во тројката носител ќе биде поранешниот министер за економија Беким Незири, во Втората изборна единица министерот за образование Арбр Адеми, и во Првата изборна единица носител ќе биде партискиот потпретседател, Изет Меџити.
Синоќа беше соопштено дека лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села ќе биде носител на кандидатската листа на коалицијата со Алтернатива во Шестата изборна единица, додека Африм Гаши од Алтернатива во втората изборна единица. Најавено е дека комплетните листи со носителите ќе бидат објавени денеска. Тие исто така ќе донесат одлука дали ќе настапат со свои кандидати во ИЕ 4.
Демократската партија на Албанците на седница на Централното претседателство одлучи денеска во 18 часот на конвенција да ги соопшти носителите на листите и кандидатите за пратеници за предвремените парламентарни избори на 12 април.
ДИК ги проверува кандидатски листи и ги потврдува
По поднесувањето на кандидатските листи ДИК проверува дали тие се доставени во предвидениот рок и дали се составени согласно Изборниот законик.
ДИК исто така проверува дали предложените кандидати ги исполнуваат условите пропишани во Уставот и во член 7 став 2, 3 и 4 од Избворниот законик, преку соодветните регистри и евиденции на надлежните институции. Овие институции се должни во рок од 24 часа електронски до ДИК да ги достават бараните податоци за кандидатите. Ова е новина за Комисијата, која се воведе со последните измени на Изборниот законик.
Доколку се констатира дека листите се во согласност со одредбите од Изборниот законик, тие се потврдуваат најдоцна 48 часа од приемот на бараната документација од институциите.
ДИК има пропишано и рокови за остранување на евентуални неправилности или замена на кандидати доколку тоа е потребно. Листите што ќе бидат поднесени по рокот ќе бидат отфрлени.
Редоследот на листите на партиите и коалициите на избирачкото ливче се утврдува со ждрепка и тој број е ист во сите изборни единици. Ждрепката треба да се одржи најдоцна до 20 март, а листите треба да бидат официјално објавени на 21 март.
Изборната кампања започнува на 23 март, а завршува на 10 април на полноќ.