Државната изборна комисија (ДИК) утре ќе организира симулација на безбедно гласање со примена на сите мерки и здравствени препораки на едно избирачко место на кое што ќе бидат поканети сите медиуми.
Ќе биде опфатен целиот избирачкиот процес во реални услови.
-Почнувајќи од доаѓањето на граѓаните на избирачкото место, чекањето, влегувањето, дезинфекцијата, идентификација, се што е по закон, со посебно напоменување на сите здравствени мерки кои треба да ги почитуваат граѓаните, но и самите изборни органи и домашните и странскирте набљудувачи, најави Борис Кондарко, член на ДИК.
На настанот ќе бидат поканет медиумите, домашни и странски меѓународни мисии, посебно мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, од Министерството за здравство, како и претставници на амбасадите. Ќе бидат поканети и учесниците на изборите односно политичките партии.
На денешната седница на ДИК беше најавено, исто така дека граѓаните ќе можат да гласаат на изборите на 15 јули со пасоши чија важноста истекла од 18 март наваму, за време на вонредната состојба, имајќи предвид дека тие ќе имаат важност до 31 јули.
Кондарко информираше дека на гласање граѓаните нема да смеат да одат со маски на кои што ќе има амблеми на политички партии, бидејќи тоа ќе се третира како агитирање на избирачкото место што е забрането со закон.
На 13 и 14 јули, кога гласаат лицата со Ковид-19, во изолација, болни, немоќни и хронично болни, членови на ОИК и на ИО, ќе можат да бидат ослободени од работа доколку има потреба да бидат ангажирани и овие два дена.
Елизабета Постолоска член на ВМРО-ДПМНЕ и Дитмире Шеху потпретседателка на ДИК и член на Комисијата предложена од ДУИ, побараа дополнување на дневниот ред, односно менување на упатството на ДИК за гласање на лицата со Ковид-19 и во самоизолација.
Постолoска побара нова точка на дневен ред односно менување на упатството за гласање за овие лица, за да се овозможи за гласање да се пријават лица со позитивен тест со Ковид-19 кои не добиле решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Како доказ дека се позитивни на Ковид 19 овие лица, како што предложи таа, да можат до Комисијата, односно до ОИК да го достават резултатот од тестот.
Потпретседателката на ДИК Шеху рече дека бара дополнување на дневниот ред. Владата, додаде таа, со указ утврди и им даде право да гласаат на лицата кои се со Ковид-19 и лицата кои се во изолација.
-Врз основа на информациите од општинските изборни комисии, тие само доставуваат известувања, но затоа што имаат само еден смс или добиле повик од матичниот лекар или од Инспекторатот дека истата личност треба да остане во изолација, додека решенијата ќе им бидат подготвени за кратко време. Досега, тие не успеале да добијат решенија од Инспекторатот дека се во самоизолација, додека крајниот рок за поднесување е 8 јули, појасни Шеху.
Ова не беше прифатено од страна на членовите на ДИК, предложен од СДСМ Кондарко и Јанаќие Витанов кои сметаат дека на ден пред завршување на рокот на пријавување на овие лица не може да се менува упатство за гласање на лицата со Ковид-19 и во самоизолација.
Рокот за пријавување на гласање на лицата со Ковид 19 и во самоизолација или во карантин завршува утре на полноќ. Освен со полномошник, тие ќе можат да се пријават за гласање и преку апликацијата за пријавување за гласање на овие лица поставена на веб страната на ДИК https://izolacija.sec.mk/.
ДИК на денешната седница вршеше избор на нови членови на местата на оние лица кои барале изземање од ОИК или од избирачките одбори.
До ДИК има пристигнато голем број барања за изземање од здравствените работници кои ќе бидат ангажирани на 13 јули за гласањето на лицата со Ковид и во самоизолација. Во овие посебни избирачки одбори се избрани 300 здравствени работници. Имало 80 оправдани барања за изземање и 20 неоправдани.
Членот на ДИК, Елизабета Постолоска, како што рече, ги замолува здравствените работници на разбирање, додавајќи дека сите сме свесни колку се тие на удар и ангажирани последниве месеци поради пандемијата со Ковид-19.
-Ако продолжиме со ваков интензитет на изземање ние нема да можеме да формираме избирачки одбори, рече Постолоска.
Државната изборна комисија на денешната седница го отфрли приговорот на Никола Димитров, носител на кандидатска листа во ИЕ 1 на СДСМ поднесен за попречување на изборна кампања за портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилкоски, со барање тој да биде парично казнет за тоа, како што предидува законот и тоа меѓу шест и две илјади евра. ДИК, како што нагласи, Постолоска е ненадлежна за ова и упати Димитров приговорот да го поднесе до Основниот суд.
На 9 јули истекува рокот на за пријавување на набљудувачи на предвремените парламентарни избори на 15 јули. Барања за акредитирање домашни и странски набљудувачи до ДИК пристигнуваат секојдневно. Денеска има уште три нови. ДИК досега акредитирала набљудувачи од Амбасадата на Унгарија (10), Асошиејтед Прес (2), од Здружението за Национален Ромски Центар (38), од Амбасадата на Австрија (3), од Ал Џезира (1) , од Амбасадата на Швајцарија (3) и од Здружението Анкциоз 2017 година (796) набљудувачи.
До денеска беа акредитирани 1.183 домашни набљудували, од кои МОСТ има 905 и Цивил 278. Вкупната бројка на меѓународните набудувачи е 110, меѓу кои има и од Канадската амбасада во Белград, од ОБСЕ/ОДИХР, и амбасадите на Франција, Албанија, Холандија и на САД.