Државната изборна комисија на денешната седница го поништи гласањето на седум од 14 избирачки места за колку имаше поднесено приговори.
Поништени се гласањата на две избирачки места во Кавадарци, и по едно во Центар, Куманово, Охрид и Аеродром и Зајас. Причина за најголем дел од поништувањата е тоа што во гласачките кутии имало повеќе ливчиња од бројот на запишани избирачи кои гласале и се потпишале во избирачките списоци.
На овие избирачки места нема да се прегласува, бидејќи резултатот од избирачките места не влијае на конечниот резултат. Сите 14 приговори беа поднесени од овластени претставници на претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска Давкова.
Претседателот на државната изборна комисија Оливер Дерковски истакна дека од приговорите и од увидот во целокупниот гласачки материјал што како Комисија го направија во неколку избирачки места може да се види дека се уште една од поголемите слабости во изборниот систем е квалитетот на избирачките одбори и оти прва задача на ДИК во наредниот период ќе биде да овозможи поголема и поконтинуирана едукација на членовите и замениците на Избирачките одбори за да се избегнат вакви несакани ситуации.
-Во повеќето од нив од нив може да се утврди дека нема никаква намера, туку дека се работи за неодговорно работење на избирачките одбори и оти тоа мора да се санкционира. ДИК во комплетен состав го констатира тоа и без да размислува ги констатира слабостите и предлага разрешување на изборачките одбори за подобрување на изборниот процес и во вториот круг да не се повторат ваквите работи, рече Дерковски.
Повеќето од местата каде беше поништено гласањето во кутиите имаше по едно ливче повеќе од бројот на запишани гласачи во списоците за гласање. На одредени места поради тоа што граѓанинот заборавил да се потпише, а ИО не го насочил, на друго претседателската на ИО гласала по што увидела дека поради промена на лична карта не е на тоа гласачно место туку на друго. На едно место му дозволиле на граѓанинот да гласа иако не бил на список, а на друго место пак откако гласа во барале на писокот по што увиделе дека не е запишан.
На избирачко место во Охрид на список на граѓани кои го искористиле правото на глас имало 42 запишани, а во гласачките кутии 82 ливчиња. Во записникот било констатирано дека на почетокот на граѓаните им биле давани по две ливчиња и за претседателските и за локалните избори, а им било кажано да се потпишат само во списокот за гласање за градоначалник. Оваа бројка беше констатирана и по отворањето на материјалот, по што гласањето беше поништено.
Кирил Ковчегарски, овластен преставник на претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска Давкова го образложи и приговорот за избирачко место во Зајас, каде рече, само во период од 15 до 17 часот гласале 297 граѓани, што како што рече, значи дека на секои 24 секунди гласал по еден граѓанин.
ДИК оцени дека овој приговор не е уреден и оти нема докази, како и дека приговорот формално правно се отфрла. Но, како што рече Дерковски, за да не остане сомнеж, како Комисија по службена должност го отворија изборниот материјал. По неколку пребројувања и увид во списоците на лица кои гласале, беше констатирано дека во гласачките кутии има четири гласачки ливчиња повеќе од запишани избирачи, по што и на ова место беше поништено гласањето.