Загрижувачка е изјавата на претседателот на Регулаторна комисија за енергетика дека нема пари да се плати гасот, вели Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ за „24 анализа“ на ТВ24 додавајќи дека тоа објаснува зошто граѓаните имаат послабо греење во домовите.

Димитриеска Кочоска потенцира дека затоа не е прашање дали БЕГ испорачува или не, туку прашањето е која е температурата на радијаторите во просториите дома, бидејќи ако ги слушнете граѓаните секаде има премногу поплаки.

– Тоа е така затоа што ТЕ-ТО кој произведува електрична енергија за цел месец јануари има договорено производство за периодот од понеделник до петок, а за сабота и недела нема производство. ТЕ-ТО е приватна фирма, работи за профит, тоа значи дека кога произведува струја има остатоци на топлинска енергија која ја предава, на БЕГ, односно во ситуацијата тоа е од понеделник до петок, рече Димитриеска Кочоска.

Таа истакна дека прашањето е колку гас има затоа што очигледно не е доволен, и радијаторите кај граѓаните дома послабо греат.

– Финансиската состојба на БЕГ загрижува и ако не се во состојба да ги платат обврските тоа е алармантно и владата треба да разговара по ова прашање. Граѓаните ќе се доведат во тешка состојба дома, некои се греат со клима плус и дополнително ќе го оптовари тој систем, но и финансиите, нагласи Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска додаде државата делува како да не знае што се случува на пазарот во Европа со електричната енергија и гасот.

– Значи прво за мене неприфатливо, неопростливо и чекам одговорност од некој за кој што парите ги префрлија на ЕЛЕМ и МЕПСО. И тука чекам еден ден одговорност од некој како дојде до таа состојба. Владата нели е одговорна. Ако е одговорна нека побара одговорност од овие компании и истите тие кои што неколку месеци пред избори вработуваа и сега дојдоа до ситуација да немаат пари и да чекаат пари од државата, нагласи Димитриеска Кочоска.

Таа посочи дека е неодговорено и прашањето со банкарската гаранција. И се поставува прашањето што ако БЕГ не е во состојба да обезбеди банкарска гаранција. Дали тогаш Владата има друга алтернатива.