Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас по преговорите за името во Њујорк заминуваат во Брисел да бараат решение за 25-годишниот спор.
Двајцата министри вчера и завчера преговараа во седиштето на ОН во Њујорк, под покровителство на медијаторот Метју Нимиц, откако минатата недела преговори имаа премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, по кои од македонска страна беше објавен предлогот Република Илинденска Македонија, како решение најприфатливо за двете земји.
Сепак по завршувањето на преговорите во Њујорк медијаторот Нимиц излезе со куса изјава во која посочи дека се уште нема конечно решение за спорот за името, но напомена дека двете страни се одлучни да продолжат да работат се додека не се пронајде.
– Како што знаете имавме средба вчера и денеска, разговаравме еден и пол ден. Можам да кажам дека многу работевме. Прашањата се добро дефинирани, нивниот опсег е стеснет. Можам да кажам дека ова беа преговори на кои многу работевме, рече Нимиц, по завршувањето на состанокот со двајцата министри.
Медијаторот истакна дека Димитров и Коѕијас заминуваат за Брисел, каде ќе продолжи дијалогот и додаде дека иако се уште нема конечно решение двете страни се подготвени напорно да работат за да го најдат.
– Преговорите се значително интензивирани, како што рекоа двете страни имаат важни позиции, во прашање се националните интереси. Двете страни ја препознаваат важноста од постигнување решение и се одлучни да го сторат тоа, додаде Нимиц.
Димитров и Коѕијас завчера речиси шест часа разговараа со медијаторот Нимиц, а вчера преговорите траеја околу два часа.
Македонската страна пред средбата во Њујорк го изнесе ставот дека предлогот Република Илинденска Македонија е добар за конечно решение, додека грчката го отфрли предлогот и нагласи дека преговараат врз основа на четирите имиња од пакетот – предлози од Нимиц.
Ерга омнес, уставна ревизија и име од предлозите на Нимиц биле темите на преговарачката маса во Њујорк, според министерот без ресор и портпарол на грчката Влада, кој вчера истакна дека смета оти постојат политички и технички предуслови за договор.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера од Солун порача дека Грција во преговорите не оди за да даде нешто.
– Не одиме за да го дадеме името Македонија, како што тврдат некои, одиме да земеме назад нешто што е дадено пред 70 години, рече Ципрас.
Ципрас смета дека името без одредница, „упатува на античкиот грчки свет и на големото културно наследство на грчката Македонија“, а во преговорите Атина се стреми ова да го добие назад, нешто што според Ципрас, „не е лесно“.
Грчкиот премиер додаде дека е време двете земји да постојат заедно, да соработуваат и да живеат во мир во корист на целиот регион.
Грчката опозициска партија Нова демократија, пак, веднаш упати критики до Ципрас поради неговата изјава од Солун.
Од грчката партија, преку соопштение, коментираа дека „Ципрас смета дека неприфатливото име како што е Илинденска Македонија е победа за земјата“.
– Премиерот, кој имаше неуспех во сите преговори што ги водеше за Грција, денес има храброст да тврди дека неговата Влада се стреми да земе назад, а не да даде име на Скопје. Очигледно смета дека е победа за нашата земја, неприфатливото име како она „Илинденска Македонија“ за кое разговара со господинот Заев, пишува во соопштението од грчката конзервативна, опозициска партија.