И покрај поддршката на повеќе членки на ЕУ за почеток на преговори со нашата земја, во Франција, Холандија и други западноевропски земји сѐ уште постои отпор кон овој процес, изјави за МИА унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, по појадокот со Никола Димитров и Бујар Османи.
Запрашан дали сѐ уште Париз и Хаг покажуваат отпор за почеток на преговори, Сијарто рече „да, да, има голем отпор од западноевропските пријатели, тие не се толку чувствителни бидејќи се оддалечени од регионот“.
На појадокот организиран од романското претседателство и грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, заедно со министрите за надворешни работи на ЕУ, нивниот македонски колега Никола Димитров и вицепремиерот Бујар Османи, била искажано „огромно задоволство“ за решавањето на спорот за името и поддршка од повеќе земји членки за почеток на преговори, велат дипломатски извори.
Најсилната поддршка дошла од источноевропските земји, како и од Италија и Ирска.
Унгарија, истакна Сијарто, смета дека во јуни мора да се донесе одлуката за преговори со Македонија и дека земјата испратила во текот на февруари „свој искусен дипломат да работи за македонското министерство за надворешни работи“.
-Тој е таму да ја помага процедурата на интеграција и што и да и биде потребно на Македонија за да се забрза оваа процедура, ние сме секогаш тука, рече унгарскиот министер.
Тој изрази жалење што Европската Комисија оваа година подоцна ќе ги објавува извештаите за напредокот на земјите од регионот, односно по изборите за Европскиот Парламент, на крајот на мај.
-Меѓутоа ова не смее да биде причина да не се донесе одлуката за преговори на Советот во јуни, романското претседателство ја има нашата целосна поддршка да го стави прашањето на агенда во јуни на позитивен начин и да донесе одлука за почеток на преговори, вели Сијарто.
Од холандска страна стигнаа поумерени тонови.
Холандскиот министер, Стеф Блок, кој исто така присуствуваше на појадокот, во изјава за МИА истакна дека неговата земја е фокусирана на тоа Македонија да приложи реформски резултати.
-Важно е С. Македонија да продолжи да напредува, Холандија е строга и праведна во однос на примената на условите и мислиме дека е од најголема важност С. Македонија да покаже јасни резултати, посебно во борбата против корупцијата и организираниот криминал, оддаваме признание за решавањето на спорот за името, но тоа не го прави помалку потребно покажувањето напредок во другите области, рече Блок.
Освен донесувањето на реформите, земјите членки сакаат да видат и имплементација на истите, потсети белгискиот министер, Дидие Рејндерс.
-Најважно за нас ќе биде да го видиме извештајот на Европската Комисија и да провериме дека се оди напред, спорот за името беше еден вид предуслов, и беше извонредно исполнет, сега сакаме законите да се изгласаат, но и да се спроведат, и знаеме дека спроведувањето е секогаш најкомплицираниот дел, рече Рејндерс.
За Белгија е од исклучителна важност секоја земја да се цени според сопствените заслуги и да нема „пакети на земји“.
-Без разлика кои земји ќе бидат на маса, ние ќе ги анализираме земја по земја, за Белгија барем нема никаква смисла да се пореметува процесот во било кој правец, заслугите мора да се гледаат индивидуално, додаде министерот.
Белгија меѓутоа не е меѓу најскептичните земји како Франција и Холандија, и смета дека вратите остануваат отворени, во НАТО и во ЕУ.
-Се надевам дека во следните месеци и до летото ќе можеме да отвориме еден пристапен процес, тоа е многу долг процес, дури и да го започнеме, процедурата ќе биде многу долга, поглавје по поглавје ќе треба да се одговара на европските барања, но навистина сме многу среќни што ја видовме таа упорност во решавањето на името и видовте дека вратите во НАТО се отворени, сега сме подготвени да ги отвориме во ЕУ ако се исполнат критериумите, изјави Дидие Рејндерс.