Македонија очекува консензус меѓу земјите членки на ЕУ за одлука за отворање на пристапните преговори пред мајскиот Самит во Загреб, истакнале вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров на средбата во Париз со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на францускиот претседател Емануел Макрон.
– Радува фактот што првичните впечатоци се дека новата методологија отвора можност за суштинско унапредување на процесот на преговори во секоја смисла, како од аспект на силната политичка контрола и водење на процесот, така и во смисла на неговата кредибилност, предвидливост и цврсто почитување на принципот на заслуги, нагласил Османи, соопштија денеска од Секретаријатот за европски прашања.
Тој изразил надеж дека со овој нов моментум ќе се создадат и предуслови во пресрет на претстојните дискусии во Советот на ЕУ, за остварување консензус меѓу земјите членки, за одлуката за почеток на преговорите со Македонија, пред Загрепскиот самит во Мај, посветен на Западниот Балкан.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров во таа насока потенцирал дека сакаме да бидеме пример за регионот во примената на новиот пристап.
– Одлуката за преговори означува почеток на еден динамичен и напорен процес. С. Македонија нема да се штеди и е решена да го изоди тој пат, рекол Димитров.
Во рамки на посетата на Париз, Османи и Димитров ќе имаат средба и со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, а ќе се сретнат и со претседателката на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание, Мариел де Сарнез и со генералниот секретар за европски прашања при Владата на Франција, Сандрин Годен.
Денешната посета на Француската Република на вицепремиерот Османи и на министерот Димитров се одвива во период на засилена дипломатска и државна активност, во врска со остварувањето на стратешката цел за добивање на одлука за почеток на пристапните преговори.
Како што е познато долго најавуваниот датум за Македонија од ЕУ на самитот есеноска беше блокиран од Франција, но и од други држави.