Ова не е ни за фалење, освен што изгледа сум имал правилно претчувство што пропуштам, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров, објавувајќи свои гледања за криминалната афера Рекет, со појаснување дека никогаш не се фотографирал со притворениот Боки 13.
– Тоа што криминалот сака да го дискредитира својот гонител не треба да не чуди. Зачудува до бес што некој изгледа дозволил жедта за правда да биде искористена за да се згасне жедта за пари. Можното соучесништво на обвинител од оваа институција (СЈО) во трговијата со одговорноста, максимално ја зголемува потребата од целосно и одлучно расчистување со сите валканици што излегоа на виделина, кон кого и да водат. Иако целата приказна згрозува до апатија, ако тој кој требало да го гони криминалот, се ставил на страната на криминалците, тоа мора да биде само дополнителен мотив во борбата за правда, а не дигање раце. Расчистување и правда и за „Рекет“, но и за сите криминали во снимките и вон снимките“.
Димитров нагласува дека ниту имал средба, ниту фотографија, ниту склучил меморандум со прво осомничениот Бојан Јовановски алијас Боки 13.